Рекорден пад на наталитетот во Германија


Во последните две години наталитетот во Германија значително опадна и е најнизок од 2009 година, објави денеска Федералниот институт за истражување на населението во Визбаден.

„Ова е невообичаено остар пад на стапката на новороденчиња, во минатото фазите на опаѓање се одвиваа многу побавно“, се вели во соопштението на Федералниот институт за истражување на населението.

Истражувачите ги наведуваат пандемијата на корона вирус, војната во Украина и инфлацијата како можни причини за падот на бројот на родени деца.

„Во овие времиња на повеќекратни кризи, многумина се откажуваат од желбата да имаат деца“, вели шефот на студијата, Мартин Бујард. Сепак, не можеше да каже дали ова е актуелен тренд или почеток на долгорочен период на намалени раѓања.

ЦДУ за ова ја обвини власта
Бројот на раѓања падна од 1,57 деца по жена во 2021 година на 1,36 во есента 2023 година, што е најниска вредност забележана од 2009 година.

По 1975 година, наталитетот во Германија беше во постојан пад, со исклучок на периодот меѓу 2015 и 2021 година, кој експертите го поврзуваат со владините мерки за помош на мајките со деца, но и со доаѓањето на голем број бегалци.

Опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) ја обвини владата за ненадеен пад на наталитетот.

„Овој пад на стапката ја покажува и длабоката недоверба во работата на федералната влада и несигурноста што владее меѓу граѓаните поради погрешната политика“, рече портпаролката за семејни прашања на ЦДУ/ЦСУ, Силвија Брехер.