Рекорден недостиг на квалификувана работна сила во Германија

Во Германија состојбата со недостигот на квалификувана работна сила во првиот квартал од оваа година дополнително се влоши, објави во саботата Германскиот економски институт (IW).
„Во март бројот на непополнети работни места за кои работодавците не можат да најдат соодветна работна сила се зголеми за дополнителни 88.000 и сега изнесува рекордни 558.000“, се вели во соопштението на Германскиот економски институт, цитирајќи свое истражување.
Недостигот од квалификувани работници, според истражувањето, ги погодува сите сегменти на пазарот на трудот, но особено е изразен во областа на здравството, социјалната заштита, образованието и градежништвото.
„Само во секторите за здравство, социјална заштита и образование, шест од десет работни места не се пополнети поради недостаток на соодветна работна сила“, се вели во соопштението на IW.
Во пандемските години 2020 и 2021 година, приливот на квалификувана работна сила од странство забави, но трендот на зголемување на бројот на непополнети работни места започна многу порано. Една од причините е пензионирањето на бројно силната генерација од средината на педесеттите.
Во саботата беше објавена информацијата на сојузната влада, според која во последните години расте бројот на пензионери, односно лица кои наполниле 67 години и кои се уште се активни на пазарот на трудот.
Минатата година, 1,05 милиони луѓе на возраст над 67 години биле во некаков облик на вработување, што е значително зголемување во споредба со 2010 година, кога само 685.000 луѓе сè уште дополнително оделе на работа, покрај тоа што биле во пензија.
Делумно, оваа појава е поврзана со недостиг од професионалци, поради што работодавците враќаат многу квалификувани работници на старите работни места по пензионирањето.
Покрај зголемениот увоз на експерти од земјите на Европската унија, Германија го олесни процесот за добивање работни и дозволи за престој за жителите на земјите кои не се членки на ЕУ. Така, од 2016 година на сила е програма за вработување на работници од Западен Балкан со која се овозможува миграција на германскиот пазар на труд.
Веднаш по почетокот на војната во Украина, работодавачите и синдикатите побараа од властите да ги отстранат бирократските пречки со цел што побрзо да ги интегрираат бегалците од Украина на германскиот пазар на труд.