Рекорден број нови инфекции во Холандија, Полска и Русија


Луѓе со маски на улица во Амстердам

 

Бројот на случаи со корона вирус во Холандија достигна дневен рекорд на 2.544 во четвртокот, покажаа податоците објавени од здравствените власти.

Коронавирусните инфекции во земјата достигнаа рекордни нивоа речиси секој ден од средината на септември. Претходното највисоко ниво од 2.357 беше пријавено во средата, кога вкупниот број на пријавени случаи помина 100.000. Здравствените власти објавија 16 нови смртни случаи поврзани со Ковид-19, со што бројот на жртвите стигна до 6.312.

И Полска во четвртокот беше погодена од рекорден пораст на случаи на корона вирус што се должи на зголемениот директен контакт меѓу луѓето по укинувањето на ограничувањата, соопшти Министерството за здравство.

Пријавени се 1.136 нови инфекции со Ковид-19, најголемиот дневен број од почетокот на пандемијата во март. Вкупно, нацијата од 38 милиони луѓе регистрирала 82.809 инфекции, вклучително и 2.369 смртни случаи.

Податоците на Министерството за здравство покажаа најголем пораст на новите случаи е на југоисток, иако и во другите региони имаше забележителни зголемувања.

„Нема големи жаришта. Ова се многу фрагментирани епидемии. Ова е резултат на зголемени меѓучовечки контакти“, го цитираше Министерството за здравство новинската агенција ПАП.

Многу Полјаци почнаа да не ги почитуваат препораките да носат маски за лице од отстранувањето во мај на повеќето ограничувања на движењето воведени во март и април. Училиштата и градинките продолжија на 1 септември.

Полска најпрво беше успешна во спречувањето на епидемијата, но случаите започнаа да се зголемуваат во текот на летото, бидејќи повеќе луѓе патуваа за годишни одмори и присуствуваа на свадби.

Русија објави 6.595 нови случаи со корона вирус во последните 24 часа, што е највисоко дневно зголемување од 12 јули, пренесува Ројтерс.

Властите соопштија дека починале уште 149 лица, со што официјалниот број на загинати се искачи на 19.948.

Новите бројки го зголемија националниот биланс на случаи на Русија на 1.128.836, четврти по големина во светот.