Рекорден број фалсификувани евра во Германија


Во Германија минатата година од оптек се повлечени поголем број лажни евро банкноти отколку во 2022 година, објави германската централна банка (Бундесбанк) во Франкфурт на Мајна.

„Бројот на лажни банкноти повлечени од оптек во 2023 година се зголеми за 28,2 отсто во споредба со 2022 година и изнесуваше 56.000“, се вели во соопштението на Германската централна банка.

Штета од 5,1 милион евра
Вкупната штета предизвикана од употреба на лажни банкноти изнесува 5,1 милион евра. Истовремено, најголема штета е направена со банкнотите од 200 и 500 евра, преку трговијата со накит, златни шипки, часовници и автомобили.

Банкнотата од 50 евра и натаму е најпопуларна меѓу шверцерите. Дури 38 отсто од сите запленети фалсификувани банкноти се банкноти од 50 евра. После тоа доаѓаат банкнотите од 20 евра. Меѓу најчесто фалсификуваните монети се и монетите од две евра.

За 24 отсто повеќе фалсификувани банкноти отколку во 2022 година
И покрај зголемувањето на бројот на конфискувани банкноти, фалсификувањето пари сѐ уште е на ниско ниво, објави Бундесбанката.

„Вкупниот износ на шверцувани пари сè уште е, генерално, на ниско ниво, што значи низок степен на опасност за граѓаните“, рече комесарот за фалсификувани пари на централната банка Буркхард Балц.

Според податоците на Европската централна банка (ЕЦБ), во 2023 година биле откриени 467.000 фалсификувани банкноти на еврото, што е за 24 отсто повеќе од 2022 година.