Реконструкцијата на „АСНОМ“ најавена во февруари, денеска е речиси на почеток


Најавената реконструкција на булеварот „АСНОМ“, што се случи на 15 февруари годинава, далеку е од привршување. Работите се на почеток, може да се заклучи од она што може да се види на терен. Дел од едната лента е со изгребан асфалт, а по него стои тешка механизација, но жителите на населбата, кои секојдневно поминуваат од таму сведочат дека ретко нешто се работи.
 
Затоа пак, денеска, претставници на Град Скопје, на чело со градоначалничката Данела Арсовска, беа на увид на работите. Се собраа и неколку работници, се прошетаа, се фотографираа и повторно пласираа непотполни информации. 
 
–  Со целосна реконструкција на булеварот „АСНОМ“ од крстосницата со булевар „Србија“ до пристапната улица на Куќата на Фудбалот, се овозможува зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот. Реконструкцијата на оваа важна сообраќајница под надлежност на Град Скопје е исполнување на уште едно барање на граѓаните и реализација на проектот ветен во програмата „За модерно Скопје“. Се реконструира коловозот на улицата на површина од 9750м2, со нови рабници и тротоари во должина 1.100 метри, предвидено е нивелирање на шахти и сливници. За граѓаните од овој дел на градот, се подигнува ново зеленило, садници и соодветно партерно уредување на 27.000 метри квадратни – кусо соопштија од Градот. 
 
Секако, во соопштението, ниту во февруари, ниту сега не стои кој ја изведува реконструкцијата, колку време ќе трае обновувањето на коловозот и колку чини овој зафат.