Реконструирани две спортски сали во Штип и во Карбинци: чинеа околу 230.000 евра


Со вкупна инвестиција од 14 милиони денари, Министерството за образование и наука ги реконструираше спортските сали во основните училишта „Страшо Пинџур“ во Карбинци и „Димитар Влахов“ во Штип, со што значително се подобрија условите за настава по предметот физичко образование и за спортување на децата кои учат и живеат во околината на овие две училишта.

Реновираните спортски сали денес ги посети министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која информираше дека активностите ги спроведе Министерството за образование и наука во соработка со општините, а во рамки на проект поддржан од Европската унија и Банката за развој на Советот на Европа, преку кој се обновуваат 30 училишни спортски сали на територијата на Македонија во вкупна вредност од скоро 200 милиони денари.

„Благодарна сум за поддршката од партнерите на земјата и среќна што постојано ја подобруваме инфраструктурата, затоа што е еден од основните услови за да имаме квалитетно образование, покрај учебниците, наставните програми и мотивирани наставници. Ќе потсетам дека досега актуелната Влада во мандат од две години реализира 90 проекти за изградба на нови училишта и спортски сали и за реконструкции на постојни објекти, вклучително и два студентски дома. Продолжуваме со заложбите и во периодот што следи, затоа што секое дете заслужува еднаков пристап до квалитетни услови за образование“, рече Јаневска.

За обнова на спортската сала во ОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци вложени се околу 4,2 милиони денари, додека во спортската сала во склоп на „ОУ Димитар Влахов“ во Штип инвестирани се 10 милиони денари.