Реконструирана улицата „Даме Груев“ во Центар


Фото: Б. Грданоски

Завршија градежните работи на улицата „Даме Груев“ од раскрсницата со ул. Димитрие Чуповски до раскрсница со ул.11ти Октомври, а реконструкција која се одвиваше во две фази. Оваа сообраќајница во централното градско подрачје беше во лоша состојба и континуирано беше посочувана од жителите коишто ја користат како опасност за учесниците во сообраќајот, информираа од Град Скопје. 

– Со реконструкцијата на оваа фреквентна и значајна сообраќајница за граѓаните на Скопје, особено за жителите на Центар и за оние што секојдневно го возат овој потег, се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот, што е еден од приоритетите на Градот, изјави градоначалничката Данела Арсовска.

Во текот на градежните работи, што на терен ги извршуваше градското јавно претпријатие Улици и патишта Скопје, на овој дел од улицата „Даме Груев“ покрај коловозотот, беа реконструирани пешачки патеки, нивелирани шахтите и сливниците и подигнато ново градско зеленило на крстосницата со ул. Димитрие Чуповски.

Градот Скопје, исто така, работи на сообраќајно решение за непрекината велосипедска патека и дополнително уредување на зеленилото по должината на целата сообраќајница, како и на трансформација на дел од трасата во нова зелена површина. Екипи на Град Скопје и градските јавни претпријатија ги продолжуваат градежните активности за обнова на повеќе градски булевари и улици на повеќе локации низ сите скопски општини, информираа од Град Скопје.