Реконструирана спортската сала „25 Мај“ во Радовиш
Пуштена е во употреба реконстурираната спортска сала „25 мај“ во Радовиш, инвестиција од 20 милиони денари на Министерството за спорт.
Премиерот Христијан Мицкоски кој со министерот за спорт Борко Ристовски присуствуваа на пуштањето во употреба на салата, рече дека очекува од тој објект да произлезат одбојкарски, кошаркарски, ракометни репрезентативци, пингпонгари, борачи…
– Радовиш во минатото бил расадник на многу македонски спортски великани, очекувам така да се продолжи и во иднина, изјави Мицкоски нагласувајќи дека обновената сала изгледа европски и репрезентативно.
Најави дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви проекти и оти спортот е во фокусот.
– Без инфраструктура не можеме да бараме и резултати. Многу е важно да ја имаме основната инфраструктура, согласно приоритетите на Владата и потоа и да очекуваме и да бараме резултати од оние коишто ќе ја користат оваа инфраструктура, рече Мицкоски.
Министерот Ристовски посочи дека инвестицијата во салата ќе овозможи враќање на спортскиот сјај во Радовиш и на дечињата во спортската сала. Активностите за реконструкцијата соопшти дека биле завршени за 50-ина дена и е исполнето ветувањето од пред пет месеци.
И Ристовски истакна дека една од главните работи на кои што ќе се фокусираат е инфраструктурата.
-Во изминатиот период откочивме проблем во врска со изградба на базените. Базени кои беа почнати четири години останаа несработени, така што успеавме да го откочиме тој проблем. Овие базени ќе ги завршиме до летото, ќе ги пуштиме во употреба, а потоа ќе почнеме да преговараме со економските оператори и за останатите десеттина базени. Имаме амбициозна програма во делот на капитални инвестиции, рече Ристовски.
Тој додаде и дека ќе почнат со две нови спортски сали во државата, а по изборите ќе продолжат со уште три спортски сали, меѓу кои едната ќе биде олимписка за боречки вештини во Бутел.
Паралелно, ќе ги исплаќаат паричните средства кои се помош за клубовите и федерациите во државата.
Градоначалникот на Радовиш изрази голема благодарност до Министерството за спорт и до Владата за реконструкцијата на спортската сала.
-Ова за Радовиш ќе значи многу, бидејќи тука ни се случуваат сите спортски настани и тренинзи и тоа ќе биде просторот којшто ни недостасуваше за да можеме да обезбедиме услови за сите спортови.