„Рекет“: Фискални сметки како доказ за животот на висока нога на Боки 13


 

 

Фискални сметки, смс-пораки и тензични дијалози го одбележаа денешното рочиште за случајот „Рекет“, во кој обвинителството се обидува да го докаже она за што е обвинет Бојан Јовановски. Уште пред да влезе судијката Васка Николовска-Масевска Боки 13 ѝ се сврте на обвинителка Вилма Русковска обвинувајќи ја дека таа е највиновна за ситуацијата во која што се наоѓа и за притворот во Шутка. Јовановски тврдеше дека најновиот медицински извештај за неговото здравје констатирал малигна состојба.

Пред судската и затворската полиција да го изнесат од салата тој ѝ викна на Русковска: „Што се смееш на малигнозна состојба? Господ нека ти врати! Вршиш тортура врз мене и тоа сите го гледаат!“. Потоа влезе судијката Николовска-Масевска со членовите на советот, па Јовановски беше вратен во судницата.

Адвокатката, која го менуваше неговиот отсутен главен адвокат Сашо Дуковски, побара да се одложи судењето бидејќи Јовановски повраќал цела ноќ. Судијката беше воздржана околу овие наводи и медицинскиот извештај и наведе дека утринава Јовановски го прегледал затворскиот лекар и констатирал дека е способен да го следи денешното судење. Јовановски ја одби понудата да дојде Итна помош за да го прегледа велејќи: „Не, благодарам, ќе седам. Не викајте Брза помош. Јас сум со рак на желудник, треба да одам на операција. Екипата на Брза помош ќе дојде, пак ќе ми стави дијазепам и јас полусвесен ќе го следам судењето. Не, благодарам судија!“

По оваа судска увертира почна изведувањето на доказите – прво беа емитувани видео снимките кои ги достави сведокот-жртва Орце Камчев. Од нив се гледа дека на 20 февруари лани во домот на Камчев прво доаѓа Зоран Милески – Кичеец, па заминува, а потоа доаѓа заедно со Јовановски и оттаму излегуваат по триесетина минути. Кичеец тогаш во раката ја носи фамозната чанта „Луј Витон“, во која наводно се наоѓале парите кои биле побарани од Камчев. Чантата била оставена на задното седиште од џипот на Кичеец.

Со презентацијата на фискалните сметки обвинителството го докажуваше високиот стил на животот на Боки 13. Беа презентирани 26 сметки издадени од 25 до 27 јануари за време на опинг во Милано, Италија, чија вкупна вредност е 148 илјади евра. Дел од сметките биле на Боки 13, а дел на неговата мајка Јасмина Јовановска.

По сметките обвинителството ги презентираше и извештаите од вештачењето на мобилните телефони на Јовановски за комуникација на „Вотсап“ меѓу Боки 13 и Катица Јанева на која и праќал слики од мебел и ја известил дека е стигнат. Имаше и пораки од комуникација со Камчев, кој му вели на Јовановски дека гаранцијата за укинување на притворот е дуќанот „Сваровски“ во центарот на Скопје и уште еден деловен простор.

Со пратеничката Фросина Ременски Јовановски се допишувал околу притворот на Камчев. „Моите информации велат дека утре Апелација ќе одлучи за ослободување на Орце од притвор”, му пишала Ременски на Боки 13. Тој на тоа одговорил: „Не”, а Ременски му возвраќа: „Дај боже”.

Почитани беа пораки и од комуникација меѓу Бојан Јовановски и Дејан Панделески од „Пелистерка“ каде се допишуваат за некои судски решенија и за пари за кои дел биле префрлени, а дел ќе се префрлат. (Н.В.)