Река во Куманово повика на масовна излезност на претседателските избори

Треба да владее правото, ќе се обидам да ја деполитизирам државата и да понудиме можност младите да  останат, а не да мигрираат, порача кандидатот за претседател Блерим Река вечерва на митинг во Куманово.

– Без суштински реформи не може да одиме напред, потенцира Река, претседателски кандидат поддржан од БЕСА и Алијанса на Албанците.

Тој истакна дека не може да се развива мултиетничка држава, каде, како што рече, Албанците се третираат само како статистика и бројка.

-Триесет години велат дека ќе дојде време Албанец да биде претседател, а сега треба ли да чекаме уште дваесет години,  праша Река.

Се залага, наведе, за „нула проблеми со соседите“, за отворени граници на Балканот и за членство на државата во НАТО и ЕУ.

– Овие параметри во мојата платформа водат кон една точка, како да се спречи иселувањето, како што тоа го видов во повеќе места, како  младите да останат овде, заради што вие треба да придонесете со вашиот глас, рече Река и ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите.

На митингот се обратија и лидерите на БЕСА и Алијанса на Албанците, Билал Касами и Зијадин Села, кои сметаат дека Албанците без разлика на нивната партиска припадност ќе гласаат за претседателскиот кандидат Блерим  Река кој, како што рекоа, е професионалец и дипломат со искуство и знаење.

– Граѓаните ќе гласаат за Река, не само затоа што е Албанец, туку и поради неговите квалитети, рече Касами.

Села и Касами очекуваат Река да влезе во вториот круг од претседателските избори.

Во Куманово поддршка на кандидатот за претседател Блерим Река му даде и лидерот на „Самоопределување“ Албин Курти.