Река најавува радикална реформа на безбедносните и разузнавачките служби


Радикална реформа на безбедносните и разузнавачките служби во армијата е еден од приоритетите во областа на безбедноста и одбраната на претседателскиот кандидат Блерим Река. Само така, според него, државата ќе биде кредибилен партнер на НАТО.

– Со зачленување во НАТО, ние ќе бидеме дел од информативниот систем на Алијансата, кој е многу сензитивен и со класифицирани информации. Јас не верувам дека НАТО ќе ни поверува нам да ги споделува тие информации ако знае дека во армијата сè уште имаме луѓе кои до пред само една година беа против зачленување во НАТО, истакна Река и рече дека како претседател ќе бара издвојување 2 отсто од државниот буџет за армијата.

Одговарајќи на новинарски прашања вечерва на ТВ Телма кандидатот, кој во изборот за претседател го поддржуваат Алијансата за Албанците и Беса, рече дека е „политичка лакрдија“ новиот закон за Специјалното јавно обвинителство.

-Зошто требаше нов закон за СЈО кога стариот беше толку добар? Затоа што Врховниот суд на незаконски, на неуставен начин, толкуваше закон наместо тоа да го направи Собранието. Собранието одбегна да го толкува и дојде до тие пазарења, што сега бомбите нема да бидат доказ, ќе се водат до 30 јуни 2017 итн.Толку е проѕирно дека е тоа една политичка трговија во која сакаат да се уништи СЈО. Ако јас станам претседател, сигурно ќе размислам дали ќе потпишам една таква законска лакрдија за СЈО, рече Река.

Смета дека се потребни измени во системот за избор на претседател на државата зашто со сегашниот Албанец или од друга етничка заедница, како што рече, тешко може да биде избран, а исто така и македонски кандидат тешко може да се изгласа без гласови на Албанците.

-Тоа е пат-позиција и поради тоа 27 години имаме пазарење за гласови, рече Река. За да има вин-вин ситуација и избалансиран граѓански концепт, според него, може да се воведе потпретседател, а тоа да биде вториот кандидат кој добива најмногу гласови.

Во однос на употребата на албанскиот јазик, Река рече дека ДУИ не го официјализирала јазикот како што тоа го тврдела предизборно во 2008, 2011 и 2018, кога ова прашање, рече, го користела како „изборна муниција“. Смета дека во урбани мешани средини првоодделенците Македонци и Албанци треба да го учат јазикот на другите, а како успешен модел го посочи Универзитетот ЈИЕ каде што тој е професор и наставата се изведува на македонски, албански и на анлиски јазик. – За 17 години немало ниту еден меѓуетнички инцидент. Ако има волја, таков модел може да се примени и во образованието, рече Река во емисијата „Топ тема“.

На прашањето како ќе ја спроведува стратегијата за македонските гласови и надетничкиот концепт Република за сите, кога партиите што го поддржуваат, Алијанса и Беса, спроведуваат политика и се обраќаат на албанскиот електорат, Река одговори дека не се меша во говорите на лидерите на тие партии и додаде: јас одговорам за мојата програма и за моите говори.