РЕК Битола распиша тендер за набавка на нови електростатски филтри од 20 милиони евра


РЕК Битола распиша тендер за набавка на нови електростатски филтри од 20,4 милиони евра, а за набавката компанијата ќе инвестира сопствени средства.

„На 29 март распишан е тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК Битола. Инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра, пари кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори. Ме радува фактот што АД ЕСМ и РЕК Битола преземаат чекори во насока на заштита на животната средина за да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните во пелагонискиот регион, но и да не дозволат кога ќе дојде моментот за преговори или зачленување на државата во Европската унија, прашањето за заштитата на животната средина да биде еден голем проблем за нашата земја“, кажа премиерот Зоран Заев по посетата на РЕК Битола.

Заев истакна дека Државните електрани ќе имаат владина поддршка во сите чекори и проекти што ги реализираат и ги планираат бидејќи, како што рече, без стабилен електроенергетски систем, нема стабилна држава.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и власта не знаат да менацираат со енергетскиот сектор

РЕК Битола и АД ЕЛЕМ две години чекаат инвестиции од власта, а инвестиции нема. За Заев беше поважно парите од РЕК  Битола да ги испумпува преку сомнителни тендери, кои ги добиваа фирми кои се поврзуваат со Вице Заев, отколку истите да ги инвестира во производствените процеси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Зоран Заев и власта не знаат да менаџираат со енергетскиот сектор.

-Во текот на минатата година поради нивната неспособност неколкукратно беше поплавено охридското крајбрежје, како и населените места покрај реката Црни Дрим. Доколку власта квалитетно менаџираше со енергетските ресурси на државата приносот во буџетот ќе беше поголем, а зависноста од увоз на струја помала. Заев и СДСМ не знаат да менаџираат со енергетскиот сектор. Заев и Пендаровски се различно лице на иста паричка. СДСМ мора да си замине. Заев и Пендаровски не смеат да управуваат со државата, велат од партијата.