РЕК „Битола“: Нема зголемување на загадувањето, мерењата се за различни периоди


Од АД ЕСМ и Подружницата РЕК „Битола“ денес ги демантирааа наодите за зголемено загадување од македонската термолектрана за што алармираа вчера екологистите преку податоците објавени во Извештајот на мрежата Бенквоч. Од РЕК „Битола“ велат дека нема зголемено загадување, туку дека мерењата се од различни периоди.

„Разликата во податоците од мерењата на емисиите помеѓу 2018 и 2019 година се јавува заради повеќе фактори. Најпрвин, мерењето на емисиите не се одвива континуирано, туку периодично. Согласно обврските од Дозволата за усогласување со Оперативниот план за заштита на животната средина, АД ЕСМ и Подружница РЕК ‘Битола’ се во постапка за набавка на опрема за континуирано следење на емисиите и истата се очекува да биде инсталирана до септември годинава“, се вели во реакцијата.

Во дописот до медиумите се вели дека обврските за заштита на животната средина, содржани во Оперативниот план ги презеде актуелното раководство на АД ЕСМ и РЕК „Битола“, иако постапката беше започната уште во 2007 година.

„Ние имаме искрена намера обврските за заштита на животната средина да ги ставиме во институционална рамка и новиот и ревидиран Оперативен план го подготвивме во декември 2019 година. Но, АД ЕСМ и РЕК ‘Битола’ не се сами во постапката. Свој придонес мора да дадат сите, вклучувајќи го и Министерството за животна средина“, се вели во реакцијата.

Притоа се додава дека податоците на мерните станици за следење на загадувањето во Битола, во континуитет покажуваат концентрации на SO₂ стотина пати пониски од пропишаниот праг. Врз количеството на емисиите влијае бројот на работни часови на РЕК „Битола“, а во 2019 година трите блока на РЕК „Битола“ работеа речиси секодневно во текот на дванаесетте месеци. Зголеменото производство на електрична струја секако подразбира и зголемени емисии. Во 2018 година се вршело мерење на емисиите во дел од месеците кога Термоелектраната „Битола“ работела, а во 2019 година емисијата се мерела речиси без исклучок, секој месец.

„Реалните податоци, пак, за емисиите подразбираат волја на менаџерскиот тим на АД ЕСМ и РЕК ‘Битола’ отворено да ги согледаат проблемите и да најдат соодветни решенија за истите. Оттаму, не станува збор за ‘дуплирање’ на емисиите, туку за промена на начинот на нивното мерење, како и динамиката на работење на Термоелектраната ‘Битола’“, се вели во реакцијата.

Вчера од „Екосвест“ алармираа дека емисиите на прашина во РЕК „Битола“ се 2,5 пати повисоки од дозволеното, но најголем проблем стануваат емисиите на сулфур диоксид од електраната – тие се дуплирани за само една година, од 52.823 тони во 2018 година во 105.431 тони во 2019 година. Со ова трите блока во комбинатот станаа инсталација со најголеми емисии на сулфур диоксид во регионот, а можеби и во Европа, информираа од „Еко-свест“, повикувајќи се на резултатите од најновиот извештај од Бенквоч, според кој, две и пол години откако законодавството за контрола на емисиите од големи согорувачки капацитети стапи на сила преку Енергетската заедница, нашата земја е сè подалеку од исполнување на обврските. Емисиите на прашина од РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ во 2019 година остануваат слични како и минатите години, но емисиите на сулфур диксид се дуплирани во споредба со 2018 година, соопштија од „Екосвест“.