РЕК Битола надвор од погон, поради дефект исклучен и Блок 1, ЕСМ очекува брза санација


Поради дефект исклучен Блок 1 во РЕК Битола, до крајот на денот се очекува повторно да биде вклучен

 

Поради дефект од синоќа е исклучен Блок 1 од РЕК Битола. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде повторно приклучен на електроенергетската мрежа.

– Заради дефект во котелот на Блок 1 за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот Блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата. Станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скинатата цевка што се смета за лесен испад на постројката, информираат денеска од компанијата.

Оттаму посочуваат дека АД ЕСМ ги задоволува потребите од останатите капацитети, како и со набавената електрична енергија како резерва при вакви куси испади.

Се работи и на оспособување на Блок 2 кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава.

Состојбите во енергетиката се топ во изминатиот период, а се повод за партиски пресметки. По веста за најновиот исопад на РЕК Битола, реагираше ВМРО-ДПМНЕ, односно нивната партиска Комисија за енергетика од каде што каде што велат дека поради вакво управување на енергетиката во Македонија, владејачките СДСМ и ДУИ  ќе мора да понесат одговорност.

„Прво го запалија трансформаторот на Блок 3 во РЕК Битола, а утрово излезе од погон и Блок 1 поради пукната цевка во котел. Со тоа РЕК Битола е комплетно надвор од погон, бидејќи Блок 2 е сẻ уште во ремонт“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение. „За жал, овој товар на македонската економија ќе биде претежок за граѓаните на Македонија, бидејќи сега недостатокот на електрична енергија ќе биде од увоз, а цените на берзите се сẻ уште високи“, се вели во соопштението.

Инаку, претходно во енергетскиот комбинат избувна пожар на трансформаторот на Блок 3, кој започнал на еден од изолаторите на надворешниот трансформатор, но со брза интервенција на противпожарните служби огнот бил изгаснат.

Од ЕСМ посочија дека со интервенцијата не се дозволија дополнителни хавариски оштетувања, додавајќи дека станува збор за процес на производство со опрема стара над 40 години.

Утре се очекува Владата да прогласи кризна енергетска состојба. Како што објасни деновиве министерот за економија Крешник Бектеши, прогласувањето на кризна состојба е неопходно за да може да се вбризгаат буџетски средства во енергетските компании како што се ЕСМ и МЕПСО со цел да се зголеми нивната ликвидност за да може да се интервенира во увозот на струја.

„Рестриктивни мерки во моментот не се предвидени. Министерството за економија и сите институции вклучени во енергетскиот сектор постојано имаат состаноци и будно се следи состојбата на електроенергетскиот сектор во државата“, изјави Бектеши.

Активирани се и другите капацитети – во функција се ставени хидроелетраните Маврово, Црн Дрим, Треска и Тиквеш, гасната елекрана Енергетика-Скопје и ветерниот парк Богданци. Дополнително, се планира од декември да стартува и ТЕЦ Осломеј, а во игра е и ТЕЦ Неготино.