РЕК „Битола“ изрази жалење за трагичната сообраќајка во Новаци 


 

По трагичниот настан во село Новаци, во кој загина 71-годишен тракторист при судир со камион кој превезувал јаглен за РЕК „Битола“, комбинатот на еден част пред најавениот протест на жителите од оваа општина, излезе со сочувство до семејството на настраданиот жител на Новаци.

„Целосно ја разбираме загриженоста на жителите на Новаци за безбедноста во сообраќајот кој се одвива по регионалниот пат кој минува низ селото. Последниот трагичен настан, во кој настрада жител на Новаци мора да биде навистина последен. Изразуваме длабоко жалење и сочувство до семејството на настраданиот.“, стои во известувањето од комбинатот. 

Од таму велат дека РЕК „Битола“ презеде конкретни чекори и оствари средба со економските оператори кои вршат транспорт на јаглен во комбинатот на која било подвлечено дека „безбедноста на граѓаните е приоритет“.

„Комбинатот ќе направи сѐ што е во рамките на неговите можности за да се спречат слични појави во иднина. Апелираме до жителите на Новаци кои секојдневно го користат регионалниот пат Новаци – Битола, како и до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец, да се придржуваат кон поставената сообраќајна сигнализација, како и кон условите на патот. Благодарни сме за постојаниот ангажман на македонската полиција која често го контролира движењето на возилата на оваа делница и ги охрабруваме полицајците уште почесто и уште поригорозно да ги санкционираат несовесните возачи“, велат од РЕК „Битола“.

Од комбинатот наведуваат дека се „партнер на локалната заедница на село Новаци повеќе од 40 години и претставува не само најголем извор на електрична енергија во државата, туку и извор на егзистенција и на живот за новачани. Убедени сме дека со заеднички сили ќе го надминеме и овој предизвик“.

На 17 мај во судир на камион кој превезувал јаглен и трактор со приклучна механизација, почина трактористот после два дена хоспитализација. За денес во 14 часот жителите на Општина Новаци најавија мирен протест  и блокада на патот Битола – Маково, кој од Битола преку село Новаци води до комбинатот РЕК „Битола“. (А.Б.)