РЕК „Битола“ го натфрли планот за производство за 16 отсто


РЕК Битола во првите шест месеци од оваа година го надмина планот за производство за 16 проценти, а надминато е и минатогодишното производство за истиот период за речиси 77 проценти. Во исто време намалени се и трошоците за работа, така што во првото полугодие од оваа година заштедени се 650 милиони денари од предвидените средства, информираше директорот Васко Ковачевски на денешната средба со вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски. 

РЕК ги завршува и предвидените инвестиции за оваа година.

– Ги направивме ремонтите на Блок 1 и Блок 3 а капиталниот ремонт на Блок 2 ќе започне на 15 август. Со тоа ќе го стабилизираме производството и ќе го ставиме во систем, во функција комплетно РЕК „Битола“, изјави Ковачевски.

Во делот на реконструкцијата на електростатските филтри, завршена е првата фаза од евалуацијата на понудите.

– Од девет пристигнати понуди, седум продолжуваат во следна фаза и сметам дека на овој проект мора да посветиме особено големо внимание, тежок проект над 20 милиони евра, проект кај кој не смееме да ги повториме грешките од минатото, со ревитализацијата на котлите – кога се дадоа парите, а не се постигнаа перформансите. Очекувам постапките да завршат до крајот на годината, да се избере економски оператор и потоа следните три години да ги правиме филтрите на секој од блоковите, рече директорот на РЕК „Битола“.

Во тек е и уште една капитална инвестиција – за разладната кула на Блок 2, вредна шест милиони евра. Постапката е при крај и од 15. август ќе има изведувач.

– На оваа разладна кула, како што напоменавме во минатото, ќе постигнеме и техничко-технолошки перформанси, меѓутоа исто така ќе ги подобриме и еколошките перформанси затоа што внатре во кулата имаме 3.500 тони азбестно-цементен материјал којшто треба во наредната година да се извади и соодветно да се складира, појасни Ковачевски, додавајќи дека сите проекти покажуваат оти се посветува внимание на РЕК „Битола“ и АД „ЕСМ“ за да се постигне зголемено производство, а вишоците на електрична енергија што се постигнуваат ги продаваат на пазарот, остварувајќи профит и на компанијата и на државата.