Регулаторните тела заглавени во собраниска комисија


Државниот завод за ревизија нема раководите веќе две години, а и на заменикот следниот петок му истекува мандатот, по што во оваа институција ќе нема кој да ги потпишува извештаите, програмите за работа и платите на вработените. Но и покрај тоа што газат роковите за избор на нов главен државен ревизор од дванаесетмина пријавени на конкурсот што беше распишан есента 2017 година, Комисијата за избори и именувања и вчера не успеа да утврди кандидат што потоа би бил избран во парламентот.

Пратеници од СДСМ велат дека имаат кандидат за главен државен ревизор, ама дека не сакаат да го објавуваат неговото име додека за него не се постигне согласност меѓу партиите во Комисијата за избори и именувања. Во ова тело распоредот на сили меѓу мнозинството и опозицијата е, всушност, „нерешен“, а одлучувачкиот глас го има Фадил Зендели од Беса, која во последните месеци е понаклонета кон ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа, изборот на нов државен ревизор не може да го помине првиот филтер – во собраниската Комисија за избори и именувања, каде што и претседателот (првпат во овој собраниски состав) е од опозицијата. Кога предлогот ќе стигне на пленарна седница, пак, не би требало да биде проблем да добие поддршка од пратениците од мнозинството.

Почетокот на седницата на Комисијата вчера доцнеше речиси еден час, а заврши за пет минути. Всушност, беа повторно, како и во вторникот, одложени сите шест закажани седници, на кои требаше да се утврдат и предлози за избор на нови функционери во АВМУ, МРТ, Комисијата за заштита од дискриминација, Дирекцијата за лични податоци…

Одложувањето го побараа пратеници од мнозинството, а претседателот на Комисијата Илија Димовски го прифати затоа што сè уште нема договор дали да се прифати барањето на независната пратеничка група за прераспределба на претседателите и членовите во собраниските тела, согласно со новиот распоред на сили во законодавниот дом.

Мухамед Зекири од СДСМ побара да бидат одложени сите седници на Комисијата поради тоа што координаторите на пратеничките групи не постигнале договор за прераспределување на пратениците во комисиите.

Димовски одговори дека би било непринципиелно да не го прифати барањето на СДСМ. Предупреди дека и во комисијата што ја предводи никој не може да обезбеди мнозинство.

– Уште еднаш ќе дадам можност координаторите да разговараат – рече Димовски.

Од граѓанскиот сектор вчера потсетија дека во Комисијата за избори и именувања во парламентот е блокирано и формирањето на независната Комисија за заштита од дискриминација, како клучен елемент за имплементација на новиот Закон што беше донесен од оваа област, согласно директивите на ЕУ.

– Политичките партии да се воздржат од партиски игри при изборот на членовите кои треба да имаат интегритет, а изборот на членовите да ја отсликува во суштина разноликоста на општеството во целина – повикаа учесниците на вчерашната дебата во организација на Мрежата за заштита од дискриминација. (А.М.М.)