Регистрирани уште три земјотреси меѓу три и четири степени и 30-тина послаби


Уште три земјотреси со локална магнитуда меѓу три и четири степени според Рихтеровата скала се регистрирани денеска во државава. Првиот во 6 часот со интензитет од 3,6 степени, вториот во 13:26 часот со интензитет од 3,7 степени, а третиот во 12 часот со интензитет од 3,8 степени, изјави за МИА, Драгана Черних, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Таа посочи дека епицентарот на земјотресите бил на границата меѓу епицентралното подрачје на Кичево и Гостивар – Тетово.

– Покрај овие три, регистрирани се околу 30-тина послаби земјотреси. Активноста на раседите од епицентралното подрачје Кичево и Гостивар – Тетово се причина за појава на овие земјотреси, додаде Черних.

Рано изутрината во 04 часот и 54 минути беше регистриран земјотрес со локална Рихтерова магнитуда од пет степени во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар на 50 километри југозападно од Скопје. Како што соопшти изутрината Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот најсилно бил почувствуван во Гостивар и Маврово со пет степени според Европската макросеизмичка скала, во Тетово и Скопје со четири, а во Битола, Прилеп и околината со три степени.