Регистрирана радиоактивност од непознато потекло во Северна Европа


Радиоактивните честички регистрирани во северна Европа минатата недела веројатно се испуштени од нуклеарен реактор, но нивното потекло сè уште не е откриено, соопшти денеска во Виена Меѓународната агенција за атомска енергија (МАЕА).

Земјите во регионот кои имаат реактори, вклучително и Русија, досега негираа поврзаност со радиоактивноста.

Малку зголемените нивоа на цезиум и рутениум „беа многу ниски и не претставуваа ризик за здравјето на луѓето и животната средина“, соопшти МААЕ.

Агенцијата наведува дека ваквите емисии може да се појават како резултат на работа на реактор или негово одржување.

Естонија, Финска и Шведска минатата недела регистрираа зголемено ниво на радиоактивни честички. Меѓународната организација за забрана на нуклеарни проби (CTBTO) во Виена исто така го следи движењето на честичките низ северна Европа и изработи мапа која опфаќа неколку држави од кои радиоактивни честички би можеле да се шират.