Регионалните лидери одат во Брдо, Словенија, но не да менуваат граници
Словенечкиот претседател, Борут Пахор, оваа недела беше на турнеја по балканските земји во последни подготовки на самитот на шефовите на државите од Процесот Брдо-Бриони кој треба да се одржи в понеделник, 17 мај, во Брдо. Со оваа средба на врвот треба да се одбележи десетгодишнината од Процесот, која требаше да се случи лани, но поради пандемијата собирот беше откажан.
Пахор претходно во беше во Црна Гора, каде се сретна со претседателот на Мило Ѓукановиќ во Подгорица, па во Тирана на разговори со претседателот Илир Мета. Во четвртокот беше во Приштина на разговори со претседателката Вјоса Османи, а во петокот во Белград на средба со Александар Вучиќ.
Порано Пахор се состана со македонскиот претседател Стево Пендаровски, а во март со сите тројца членови на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Учеството на самитот на 17 мај го потврдија сите регионални претседатели.
Главната идеја на Пахор е во Брдо да не се разговара за промена на границите во Западен Балкан, туку за неговата европска перспектива. Словенија (поточно нејзиниот премиер Јанез Јанша) се најде во центарот на конторверзите по објавувањето на загадочниот нон-пејпер во кој се предлагаше промена на границите и создавање на „голема Албанија“ и „голема Србија“.
Пахор сака да додаде енергија на обновената расправа во ЕУ за иднината на Западен Балкан и она што од своја страна треба да го направи Унијата за осварување на геополитичките цели. На некој начин оваа средба е и претходница на шестмесечното претседателствување на Словенија со ЕУ, а Љубљана најави дека во нејзиниот мандат ќе се одржи самит на Унијата со Западниот Балкан. Сепак, има малку место за оптимизам дека интегрирањето на западнобалканските држави во ЕУ ќе добие некоја поголема динамика.
Во текот на идната недела во Брисел регионалните лидери треба да се соберат на ваечера со шефот на европската диполматија, Жозеп Борел, на која треба да им бидат претставени европските планови за иднината на Западен Балкан.
Иако беше поканет и прифати, францускиот претседател Емануел Макрон, сепак нема да дојде на самитот во Брдо, оправдувајќи го тоа со многу важни средби дома. (Н.В.)