Регионалните лидери и мислители се собираат утре на Преспа форумот


Претседатели, премиери, министри, политички научници, економисти од Балканот, од ЕУ, а и од САД, утре и задутре ќе бидат дел од првиот Преспа форум дијалог во Охрид и Отешево, на кој треба да бидат промовирани добрососедските односи и соработка.

Оваа платформа креирана од македонската влада, со очигледна референца на историскиот Преспански договор ќе им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долготрајни односи и да го јакнат партнерството. Од МНР, кој е главен организатор на форумот, велат дека интересот за учество бил толку голем што далеку ги наминал сите предвидувања. Се очекуваат повеќе од 300 учесници кои ќе дебатираат на две различни места – во Охрид и Отешево.

Официјалниот назив на годинашнава меѓународна конференција е – „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна“.

На официјалното отворање на Конференцијата во четврток попладне ќе учествуваат премиерот Зоран Заев, поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, поранешната висока претставничка на ЕУ Федерика Могерини и поранешниот комесар за проширување Јоханес Хан, примарните архитекти на Договорот од Преспа за 2018 година.

Пред отворањето ќе има сесија на министрите за надворешни работи, на која ќе учествуваат шефот на македонската дипломатијата Бујар Османи, како и неговите колеги од Србија Никола Селаковиќ, од Албанија Олта Ѓачка и Романија Богдан Ауреску.

Ќе има повеќе настани во кои ќе учествува граѓанското општество каде ќе се дискутира за тоа како може да се вклучи Западен Балкан и да се придонесе кон тековната Конференција за иднината на Европа, со учество на претставници на граѓански организации заедно со европратеничката Тања Фајон и извршниот директор за Европа и Централна Азија на Европска служба за надворешно дејствување Ангелина Ајхорст.

Во петок, 2 јули, ќе се одржи пленарна сесија на високо ниво „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“, на која ќе учествуваат и претседателот на Македонија Стево Пендаровски, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и претседателот на Словенија Борут Пахор, како и вршителот на должноста помошник- државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи Филип Рикер.

По нив ќе следи панел на премиерите во регионот – Ана Брнабиќ од Србија, Еди Рама од Албанија, Албин Курти од Косово и Зоран Тегелтија, претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина.