Референдум: Нова Каледонија не сака да се отцепи од Франција

Ова е втор референдум во последниве две години на кој жителите на Нова Каледонија гласаат „против“ независност

ПАРИЗ – Гласачите на архипелагот во Јужниот Пацифик Нова Каледонија се на пат да го отфрлат отцепувањето од Франција по речиси 170 години колонијално владеење на референдумот во неделата, покажаа делумните резултати.

Со избројани гласови од 249 од вкупно 304 избирачки места, делумните резултати покажаа дека таборот „не“ води со 54,8 проценти поддршка и го проширува своето водство откако почнаа да доаѓаат гласовите од главниот град Нумеа, традиционално бастион на лојалистите на Париз.

Доколку се потврди гласањето „против“, тоа ќе биде втор неуспешен обид на поддржувачите на независноста да добијат целосен суверенитет во изминатите две години.

Неочекуваното гласање „да“ би го лишило Париз од основа во регионот каде Кина го шири своето влијание и ја нарушува гордоста на земјата, чија поранешна империја некогаш се протегаше од супсахарска Африка, Југоисточна Азија, Карибите до Тихиот океан

Тензиите траат долго време меѓу домородните Канаки за независност и потомците на колонијалните доселеници кои остануваат лојални на Париз.

Повеќе од 180.000 долгорочни жители на Нова Каледонија се регистрирани да гласаат „да“ или „не“ на прашањето: „Дали сакате Нова Каледонија да го добие својот целосен суверенитет и да стане независна?“

Референдумот во неделата беше втор од трите дозволени според условите на Спогодбата од Нумеа од 1998 година, договор предвиден во уставот на Франција и кој предвидува 20-годишен пат кон деколонизација.

Одѕивот беше голем – делумните резултати покажаа дека гласале 86 отсто од гласачите со право на глас – по посилното од очекуваното гласање за независност на референдумот во 2018 година.

Нова Каледонија, островски синџир на околу 1.200 км источно од Австралија и 20.000 км  од Париз, ужива голем степен на автономија, но во голема мера зависи од Франција за работи како што се одбраната и образованието.

Нејзината економија е поткрепена со годишни француски субвенции од околу 1,3 милијарди евра и наоѓалишта никел, кои се проценува дека претставуваат 25 отсто од вкупните резерви во светот, и туризмот.

Меѓутоа, територијата во голема мерка се отсече од надворешниот свет за да се заштити од корона вирусот. Регистрираше само 27 случаи на Ковид-19.

Доколку победи гласањето за „не“, трет референдум може да се одржи во рок од две години, ако третина од локалното собрание гласа „за“. (Ројтерс)