Реџепи ќе се одмаздува на избори


Навидум вообичаена работна атмосфера владееше вчера во седиштето на Исламската верска заедница. Реисот Сулејман Реџепи уште во раните утрински часови се појави на работното место сакајќи да остави впечаток дека вторничките драматични случувања и обидот за негова смена не го потресле многу. Со насмевка на лицето, прокоментира дека продолжува со работа брзајќи на средба со католичкиот бискуп Киро Стојанов, кој иницираше состанок во пресрет на доаѓањето на Папата Франциск во Скопје.

Сепак, работите се далеку од вообичаени и идилични за Реисот, кој завчеравечер излезе од контрола, па упати и смртни желби за судијката што му даде овластување на противкандидатот Скендер Бузаку, поради што контроверзната изјава ќе мора да ја објаснува пред Обвинителството.

„Слушнав дека имала проблеми со здравјето, сега моментално. Но не ја жалам, таквите нека починат“, изјави Реџепи за судијката Сузана Дончевска.

Заканата од пред неколку недели дека односот на Владата кон ИВЗ ќе се рефлектира врз гласовите на претседателските избори, сега добива директна конотација и Реисот веќе не се ни обидува да се правда дека бил погрешно сфатен.

„Не може извршната власт или кој било друг да решава за избор на првите луѓе на Ријасетот. Избор на нов реис се спроведува со избори во Ријасетот, а сè друго може да доведе до анархија. На другите верски заедници им е овозможено мирно да работат, а зошто властите не ѝ даваат спокојство на ИВЗ? Одлуката на судот е авантура за судството. Нема да дозволам една марионета диригирана од државата да дојде на чело на ИВЗ. Бузаку е отпадник од ИВЗ, па дури и од исламот. Се колнам во Алах, ако е тој муслиман, тогаш и кучињата се муслимани“, рече Реџепи пред муфтиите на вонредната седница на Ријасетот.

„Мене ме одликувал Доналд Трамп, да му даде Господ среќа. За цел свет сум носител на мир и спокој, само во Македонија сум демонстрирал сила. Јас не се заканувам, се колнам. Туку вистината ги погодува луѓето. Ние таква власт и политика не сакаме. Зборувам во име на 13 муфтии. Едногласно ги усвоивме заклучоците дека ваква власт, која се занимава со ујдурми и анархија, нам не ни треба и заради тоа кажувам дека ние ова не го сакаме и не го заслужуваме. Авангарда на сите верски заедници била ИВЗ, секогаш водиме. Нема да нè злоупотребат. Бев замолен да го тргнеме монструмот. Сега кој е монструмот?“, зборуваше Реџепи во еден здив.

Бузаку, кој во вторникот вечерта се обидуваше да влезе во просториите на ИВЗ, вчера се држеше настрана. Во изјава за „Независен“, тој истакна дека не сака да предизвика проблеми и дека на институционален начин ќе ги среди работите. Според него, одлуката за негово именување за реис на ИВЗ е објавена во „Службен весник“ и е правосилна.

„Не сакаме физичка конфронтација. Ние не го употребуваме неговиот див речник бидејќи ние сме едуцирани на друг начин. Би ми бил срам за годините што ги имам да употребам таков речник. Сите внатрешни акти се почитувани“, рече Бузаку.

Прашан кога ќе дојде до примопредавањето на функцијата, тој одговори дека сè ќе се случи преку институционален пат.

„Ние ќе бараме од Судот привремена мерка за да ми се овозможи да одам до канцелариите, иако канцелариите никого не прават реис. Канцеларии има колку сакаш“, рече Бузаку.

Најновите превирања околу ИВЗ се случуваат меѓу двата изборни круга и во ситуација кога албанскиот електорат испорача помал број гласови отколку што се очекуваше, па сега се поставува прашањето дали обидот за преврат има политичка заднина. Премиерот Зоран Заев ја смируваше топката, но потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, и коалициските партнери од ДУИ си испраќаа отровни стрели.

„Владата нема да се меша во верските заедници, па така и во ИВЗ. Од министерот Оливер Спасовски знам дека беше побарана асистенција, имаше испратено три полицајци. За нас е поглавар оној кој го утврдуваат Уставот и законите на Исламската верска заедница. Јасен е секуларниот карактер на државата. Не е мое да коментирам кој е реис. Ја прочитав пресудата, но ако коментирам, ќе значи политичко мешање“, рече Заев.

Зекири, пак, е уверен дека станува збор за провидна игра на ДУИ.

„Како што бидува, криминалци си бранат криминалци. Играта на ДУИ со ИВЗ е провидна и е обид да бараат изговори зошто не можат да испорачаат тоа што го ветиле на изборите. Среќа што луѓето одамна не им веруваат ниту ним ниту на резилите од ИВЗ“, рече Зекири.

За вицепремиерот Бујар Османи бурната вечер и обидот за разрешување на реисот Сулејман Реџепи е срамен упад во една верска заедница.

„Мојот став и ставот на ДУИ е дека беше скандалозен и срамен чин на упад врз уставно загарантираната автономија на верските заедници, во овој случај на Исламската верска заедница. Државата треба да ги преземе сите мерки за да ја гарантира оваа автономија на верските заедници“, напомена Османи.

Аналитичарот Ќенан Алиу смета дека Владата има вмешано прсти во обидот за преврат во ИВЗ, но оти тоа, сепак, нема да влијае врз излезеноста на Албанците во вториот изборен круг.

„Индикативен е моментот, но мислам дека граѓаните веќе се политички зрели да одлучуваат. Тој што одлучил да гласа – ќе гласа, тој што одлучил да апстинира – ќе апстинира, и тоа е негово демократско право. Ако веќе прашувате за гневот во албанската јавност, тој е многу поголем по високата казна од 38 години затвор за двете момчиња поради убиството на Никола Саздовски. Тука има огромно незадоволство и тоа може да влијае врз мотивираноста на Албанците да ја поддржат власта“, ни изјави Алиу.

И опозициските партии во македонскиот и во албанскиот политички блок сметаат дека политиката и натаму има влијание врз верските заедници.

„Претседателот на ИВЗ самиот сведочеше дека долго време бил инструментализиран од политиката и како таков не заслужи да ја задржи својата позиција повеќе. Но судската одлука меѓу двата изборни циклуса дава сомнеж дека повторно целта е инструментализација на оваа институција за политички цели“, наведуваат од партијата на Зијадин Села.

Во ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Заев во минатото го нарекувал првиот човек на ИВЗ – резил, зло и заштитена мечка.

„Ваквото мешање најостро го осудуваме и очекуваме надлежните институции да ги преземат сите мерки за расчистување на овој случај“, рече Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Реисот Сулејман Реџепи се „прослави“ и пред еден месец кога ги нарече Македонците „див народ“. Тој преживеа неколку обиди за смена, иако незадоволството од неговото работење и обвинувањата за криминални дејства се сè погласни. Управата за јавни приходи изрази желба да го провери финансиското работење на ИВЗ, но не наидува на соработка.

„Кога државата ќе нè плаќа, тогаш ќе може да ни ги проверува финансиите“, одговорија од ИВЗ.

И Комисијата за верски заедници мета на Реџепи

 

Реисот Сулејман Реџепи ја обвини и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи дека е вмешана во обидот за негова смена.

„Никогаш нема да го признаеме директорот на Комисијата Дарјан Сотировски, кој е учесник во ова. Цело време ме замолува да го прифатам бидејќи, за да биде на оваа функција, треба да биде прифатен од сите, но таквите не се грижат за исламот. Бараме да си замине и неговиот заменик – Албанец, кој нема глас и е слеп, нема сенс“, рече Реџепи.

Веднаш реагираа од Комисијата за односи со верските заедници.

„Се работи за внатрешни прашања на верската заедница, за кои апелираме да се решаваат со заемно разбирање, во согласност со позитивните правни прописи и во интерес на верниците“, соопштија од Комисијата.

Арменд Мурсели

Горан Адамовски