Редици за потпис за претседателските кандидати пред подрачните единици на ДИК

Граѓаните масовно се одзваа на повиците да поддржат еден од кандидатите за претседател


Подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија во земјава денеска беа „окупирани“ од граѓани кои што дојдоа да поддржат еден од кандидатите за претседател, а најбројни беа за двајцата фаворити – Стево Пендаровски и Гордана Силјаноска Давкова.

Како што е познато, вчера на конвенција на ВМРО – ДПМНЕ, Силјаноска Давкова доби поддршка да биде кандидат за претседател на државата.

Од партијата соопштија дека кандидатурата на Силјановска Давкова покрај со потписите и поддршката од 30 пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе биде поткрепена и со над 10.000 граѓански потписи. Очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ се дека потписите од граѓаните ќе бидат собрани за еден ден.

Вечерва, пак на конгрес на СДСМ како што е најавено ќе биде потврдена поддршката на партијата за кандидатурата на актуелниот претседател Стево Пендаровски за уште еден мандат. Пендаровски својата кандидатура ја најави како граѓанска, и тој веќе ја има доставено пред ДИК, но очекува и поддршка од политички партии и граѓански здруженија.Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека за неполни пет часа се собрани 10.000 потписи од граѓаните, но и дека собирањето на потписи ќе продолжи. 

На фотографиите од нашите новинари е атмосферата пред подрачната единица на ДИК во Општина Кисела Вода.