Редици за бензин и во Србија, и таму обвинуваат за лажен недостиг
Колони автомобили пред повеќе бензинскки пумпи во Србија се формирале доцна попладнето во четвртокот поради паниката предизвикана од веста дека некои нафтени компании се обиделе да направат лажен недостиг со ограничување на продажбата на одредени видови гориво, пишува белградски „Блиц“.
„Колоните почнаа нагло да се формираат. Претпоставуваме дека е поради паника“, изјавил еден од работниците на бензинска пумпа во Белград.
Како што истакна, засега немаат ограничување колку гориво ќе точат.
„Од 17 часот работиме без прекин “, рекле работниците на бензинската пумпа.
Од српската влада неофицијално изјавиле дека горивата ги има во доволни количини, дека Србија нема апсолутно никаков проблем со снабдувањето со нафтени деривати и дека некој „намерно шири паника“.
Репортерот на „Блиц“ јавува дека луѓето во колоните се нетрпеливи и нервозни.
„Слушнавме за ограничувања, односно граница од 20 литри, затоа дојдовме“, изјавил еден од возачите што чекаше во колоната.
Паниката на бензинските пумпи ја предизвика потегот на некои нафтени компании кои вештачки се обидоа да предизвикаат недостиг со ограничување на продажбата на гориво, чии цени беа замрзнати до 14 март.
Станува збор за бензинот еуропремиум БМБ 95 кој не може да биде поскап од 171 динар за литар и еуродизелот од 179 динари за литар.
Токму за овие категории некои компании денес ја ограничиле продажбата на 20 литри за автомобили по резервоар, 50 литри за трактори и 100 литри за камиони.
Истовремено, забраниле точење на еуродизел во канистри, без разлика на овластувањата што им го дозволуваат тоа.
Ваквите потези се спротивни на уредбата на српската Влада, со која на нафташите јасно им беше соопштено дека не смеат да предизвикуваат вештачки недостиг. Според тој документ, стопанските субјекти кои се занимаваат со трговија со гориво не смеат да ги испорачуваат овие горива во количини помали од просекот во последните 12 месеци, пишува Блиц.