Рециклирање отпад во училиштата во Карпош по нов тајминг
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2021/02/recikliranje-karpos.jpg)
Од основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“, Општина Карпош ја обновува идејата за повторно рециклирање на отпад: пластика, хартија и батерии, во сите десет основни училишта на нејзина територија. Активностите за рециклирање на отпад, општината ги спроведува во партнерство со организациите „Пакомак“ и „4 SELECT“.
Од општинската прес-служба информираат дека сите образовни установи се опремени со соодветни контејнери за правилно одлагање на отпад.
– Сепак, како резултат на КОВИД – 19 пандемијата дел од активностите се пролонгираа, а и наставата се спроведува само за учениците од прво до трето одделение, посочуваат од општината.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев со повик до сите ученици и родители повторно да се вклучат во процесот на рециклирање.
Во точно определен ден од училиштата, и учениците од повисоките одделенија ќе можат повторно селектирано да го одложуваат отпадот.
Во ова училиште, во тек е и целосно уредување на дворот. Поставен е и систем за наводнување, а ќе се засадат и нови садници. Учениците ќе креираат и специфична стаклена градина. Пандемијата не смее да биде изговор за да престанеме со активностите за заштита на животната средина и правилно одлагање на отпадот, посочил Богоев.
Претставничката од „4 SELECT“, Бисера Мухиќ, истакнала дека е спроведена едукација на повеќе од 5.000 ученици во Карпош и поделени се биоразградливи вреќи за отпад.
– И во ек на пандемијата, правиме видео и онлајн презентации. На овој начин, создаваме еколошки едуцирана генерација. Учениците имаат и корективна, воспитна мисија во семејствата и оттаму е важно постојано да работиме со нив, напомена Мухиќ.
Ико Брдароски од „Пакомак“ вели дека учениците преку награди се стимулираат повеќе да рециклираат и на тој начин се гради стимулирачка средина, еко – заедница.
Основните училишта ќе ги известат сите ученици за тоа во кој ден да дојдат во училиштето за да одложат хартија, пластика и батерии.