Речиси сто нови заболени од морбили


Дури 95 граѓани изминатава недела заболеле со морбили, од кои 60 се од Скопје, а другите 35 се од Струга, Гостивар, Куманово, Тетово, Охрид, Велес, Прилеп и Валандово. Најголем број, односно 62 случаи од новозаболените се на возраст над 20 години. Според вакциналниот статус, околу 70 отсто се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Досега од морбили заболеа 1.175 граѓани, при што речиси сите се под четиригодишна возраст и од повозрасните над 30 години. Епидемиологот Владимир Микиќ од Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство вели дека невакцинирани и натаму има. Во градовите во внатрешноста вакцина против мали сипаници не примиле 18.000 деца, но ја примиле 80 отсто од невакцинираните во Скопје по прогласувањето на епидемијата. Сепак, остануваат 3.500 деца кои треба да се вакцинираат.

„Три четвртини од заболените оваа недела се невакцинирани, а кај децата до четири години тој процент е над 90 отсто. Треба да се засили мерката за вакцинација кај предучилишните деца надвор од Скопје, затоа што таму сè уште имаме поголем дел што се невакцинирани. Комисијата секоја недела се состанува за да разгледа како се имплементираат мерките и каква е состојбата, меѓутоа за да се видат ефектите од овие мерки потребно е да поминат од две до три недели. Во тој контекст Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе врши контроли за доследно спроведување на мерките, пред сè вакцинирањето на децата до четири години надвор од Скопје чиј број е околу 18.000. Сè уште е ниско темпото на вакцинирање, а целта е да спречиме натамошно ширење на епидемијата“, рече Микиќ.

Изминатата недела вакцинирани биле вкупно 920 деца на возраст од една до 14 години. Заразата и натаму се одржува на високо ниво, а одѕивот за вакцинација кај децата над шестмесечна возраст е слаб.

„Нема голем број деца вакцинирани над шестмесечна возраст. Сè уште ги собираме податоците, иако препораката на Комисијата за заразни болести е во услови на епидемија возраста за вакцинација да се намали. Најтешките компликации ги очекуваме во оваа возрасна група кај деца под една година. Впрочем, и од пријавените случаи 200 се деца под една година. Повеќе од 40 отсто од сите заболени беа хоспитализирани, а кај повеќе од половина имаше компликации. Најголем број од компликациите се кај деца под една година и кај деца на возраст до четири години“, додаде Микиќ.

Од почетокот на епидемијата досега, вакцинирани се повеќе од 580 граѓани постари од 14 години, од кои повеќе од 400 се здравствени работници, студенти на медицина или специјализанти.

Комисијата за заразни болести пред десет дена донесе заклучок да се прогласи епидемија на морбили на територија на цела држава. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби моментално се хоспитализирани 36 пациенти, од кои во животно загрозувачка состојба е 16 годишната пациентка од Скопје, која дише преку апарати, а има церебрална парализа и пневмонија како компликација од морбилите. Во потешка состојба се и тројца возрасни пациенти и три деца.

Вероника Мароска-Леова