Речиси половина од Германците не им веруваат на извештаите на германските медиуми за војната во Појасот Газа


Речиси половина од граѓаните на Германија имаат мала или никаква доверба во известувањето на германските медиуми за војната на Израел против палестинското движење Хамас во Појасот Газа, покажуваат резултатите од најновата анкета на Институтот за истражување на јавното мислење „Инфратест Димап“.

Според анкетата 40 отсто од испитаниците имаат голема доверба во германското известување за војната во Појасот Газа и израелската воена офанзива, но 48 проценти од испитаниците изјавиле дека имаат малку или нема доверба.

Истражувањето покажа дека 38 отсто од анкетираните веруваат дека известувањето за војната во Појасот Газа е избалансирано, но 31 процент сметаат дека германските медиуми се премногу на страната на Израел.

Само пет отсто од анкетираните проценуваат дека германските медиуми и даваат преголема поддршка на палестинската страна, додека 26 отсто не можат или не сакаат да одговорат на прашањето за ова.

Главниот уредник на јавниот сервис АРД, Оливер Кер наведе дека бројките се шокантни.

– Застрашувачки е што толку многу луѓе немаат доверба во известувањето на германските медиуми, посочи Кер.