Речиси никој во НАТО нема една агенција за безбедност каква што подготвува Мицкоски
Премиерот или не знае или манипулира за тоа како се организирани агенциите за разузнување во земјите членки на НАТО
Премиерот Христијан Мицкоски денес потврди дека една од „реформите“ што ги подготвува неговата влада е спојувањето на неодамна формираната Агенција за национална безбедност (АНБ) со Агенцијата за разузнување (АР) ,со што практично ќе ѝ се одземат ингеренциите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и на индиректен начин владата ќе стане единствен „командант“ на безбедносната служба со моќ која ќе ги надмине сите вакви агенции досега.
Тој уште тврдеше дека за оваа реформа разговарал со претседателката и дека утврдиле дека има потреба за неа, а не дека тоа е „резултат на лична фрустрација“, во смисла дека зад сето тоа не стои неговата желба како премиер и лидер на партија да контролира сѐ во државата.
Притоа Мицкоски не кажа дали претседателката се согласила да се откаже од надлежноста што ја има околу Агенцијата за разузнување. Таа сега ги именува нејзините директори, а вработени во Агенцијата тврдеа деновиве во аниномно писмо дека добила закана за покренување импичмент – ако не го потпише изборот на премиерот за прв човек на АР. Вчера, пак, во интервју Мицкоски се потсмеваше со АНБ, тврдејќи дека извештајот што го добил од нив личел на извештај од пишувања на социјални мрежи и портали.
Она што притоа падна во очи беше тврдењето на Мицкоски дека сака да ги спои АР и АНБ „зашто тоа е реформа што ја имаат направено најголемиот дел од сојузниците во НАТО“. Проверка на листата на разузнувачки агенции во земјите членки на НАТО покажува дека ова тврдење нема врска со вистината и дека мотивите за реформа на реформираните безбедносни агенции пред само некоја година – не може да се оправда со вакви аргументи.
Практично, тоа што го тврди Мицкоски постои само во Хрватска, а покрај неа во Луксембург (држава град), во Албанија и во Кипар, додека сите други имаат разузнувачки агенции за дома и за надвор (попластично објаснето имаат и своја ЦИА, и свој ФБИ), а повеќето имаат и воени безбедносни агенции, додека поразвиените земји имаат многу повеќе од три, па и за криминални активости, за откривање тероризам, шверц со оружје и слични.
Па, така, од западните земји, покрај САД чии безбедносни агенции се добро познати и се бројни, Германија ја има БНД (Сојузен разузнувачки сервис) и БСИ (Сојузна канцеларија за информациска безбедност), покрај воената контраразузнувачка служба и една специјална – за заштита на уставното уредување на државата. Франција ги има ДГСИ (Генерален директорат за внатрешна сигурност) и ДГСЕ (Генерален директорат за надворешна безбедност), покрај други безбедносни агенции, а поделбата е најочигледна во Естонија, која има Служба за внатрешна безбедност и Служба за надворешна безбедност.
Практично, одделни агенции за разузнување и за контраразузнување за дома и за надвор имаат сите земји членки на НАТО кои имаат сериозен однос кон безбедноста и капацитет да ја организираат, како Финска, Полска, Романија, Италија, Чешка, Данска, Шведска, Норвешка, Португалија, Словачка, Велика Британија, Шпанија, Холандија, Германија, Франција, Естонија и други. Практично, без оглед какви имиња носат и пред кого одговараат и кој ги именува, речиси е универзална формула да се раздвојат разузнувањето и контраразузнувањето во државата, заради поголема ефикасност, но пред сѐ заради поголема демократска контрола. Практично, прашање на демократија во една државата е како ќе се воспостави и контролира безбедносната мрежа.
Токму поради недемократската употреба Управата за безбедност и контраразузнување беше укината кај нас во 2019 година и беше заменета со АНБ. За тоа како беа користени безбедносните агенции од страна на ВМРО-ДПМНЕ зборува и фактот дека од сите директори што ги имале УБК и АР апсолутен рекордер во директорување беше Сашо Мијалков кој таму „владееше“ девет години, а по него најдог стаж има Арнолд Муслиу (само четири).
Информацијата пак што ја пренесе денес со соопштение СДСМ дека новоименуваниот директор на АНБ, инаку партиски функционер, Бојан Христовски, на еден од постовите на социјалните мрежи и го честитал „петтиот и последен роденден“, го отвора прашањето кој е неговиот мандат во оваа агенција и која ќе биде неговата улога во новата што ќе се формира, а за која се шпекулира дека ќе го носи името Агенција за безбедност (АБ). Практично уште тоа не сме го пробале во разузнувачкиот сектор кој се реформира кого како ќе му текне, така што сите во Македонија знаат кон се БНД, ЦИА, ФБИ, ДЕА, МИ5 и МИ6‚, а малку се тие што знаат каде се наоѓа воопшто АНБ.