Речиси 50 турски компании инвестирале во Македонија, најава за нови вложувања и поголема размена


Политичката и економска соработка со Северна Македонија, земјата со која имаме вкоренети историски и културни врски, е на многу високо ниво. Јас лично сум уверен дека оваа соработка и пријателските односи во иднина ќе продолжат со уште поголем интензитет. Нашите економски односи во себе содржат голем потенцијал, изјави во интервју за МИА претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп кој ќе престојува во дводневна посета на нашата земја по повод одбележувањето на 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.

-Во Северна Македонија постојат многу турски инвестиции и со следни чекори може да им се приклучат и нови инвестиции на актуелните. Особено ажурирањето на Договорот за слободна трговија помеѓу двете земји кој е во сила веќе 20 години, со опфаќањето и на земјоделските производи и услужните дејности, ќе ги забрза новите инвестиции и ќе допринесе да ја достигнеме целта од една милијарда долари во взаемниот трговски обем. Затоа, се надевам час поскоро да започнат дејностите во насока на негово ажурирање, истакна Шентоп во интервјуто за МИА.

Близу 50 турски компании инвестирале во Северна Македонија преку извоз на капитал од Турција, а овие фирми, како што посочува, им овозможуваат вработувања на над 5.000 работници.

-Турските изведувачи покажуваат посебен интерес кон дејностите на производство и дистрибуција на соларна енергија, изградба на брани и хидроцентрали, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, болници, автопатишта-мостови, изведба на пречистителни станици и друго. Воедно имаме и голем потенцијал за соработка во областа на одбранбената индустрија со најновата членка на НАТО, Северна Македонија, вели претседателот на Големото турско Собрание.

Посебно значење за нас, вели тој, имаат и соработката од областа на образованието и културата.

-Во оваа прилика би сакал да се осврнам и на фактот дека еден од најзначајните елементи во моќните пријателски односи и соработката помеѓу двете земји се нашите сонародници во Северна Македонија, кои ја играат улогата на мост во односите помеѓу Македонија и Турција, потенцира Шентоп.