Речиси 35 отсто од македонските граѓани се со основно образование или неписмени

Дури 36,6 отсто од становите (307.187) во државата се ненаселени, т.е. една третина од нив стојат празни, а уште се гради со несмалено темпо


Директорот на ДСЗ, Апостол Симовски, ги претставува резулатите од пописот (Фото: Б. Грданоски)

 

Државниот завод за статистика објави нови податоци од пописот кои се однесуваат на образованието. Од нив произлегува дека само околу 20 отсто од граѓаните во Македонија се високообразовани, за разлика од, на пример, Канада каде тој процент надминува 60 отсто. Наспроти тоа, дури 35 отсто од граѓаните кај нас или се неписмени, или почнале или завршиле основно образование, а само 1,9 отсто успеале да стигнат до магистратура.

Шокантен е исто така податокот дека од вкупно 839. 174 станови,  531.987 од нив или 63.4 % се населени, а дури 307.187 станови ( 36.6 %) се ненаселени, додека во државата и натаму засилено се гради.

Попрецизно, податоците од пописот покажуваат дека во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, според писменоста, има 18. 897  или 1,2 % неписмени лица,  од кои 5. 517 се мажи и 13. 380 се жени.

Според највисокиот степен на школска подготовка,  во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, регистрирани се 23.192 лица или 1.5 % без образование, 62.129 лица или 4,1 % се со незавршено основно образование, 423. 456 лица или 27,8 % се со основно образование, 672.375 лица или 44,1 % се со средно образование, 263.349 лица или 17,3 % се со високо образование, 29.654 лица или 1,9 % се со магистратура, 6.037 лица или 0,4 % се со докторат, а 45. 174 лица или 3.0 % се со непозната школска подготовка.

Според полето (видот) на највисокиот степен на школска подготовка, 189.736 лица  или 18,7 % се од областа инженерство, производство и градежништво, а само 19.044 лица или 1.9 % се од областа информатичко-комуникациски технологии.

Во вкупното резидентно население на возраст од 5 години и повеќе, кои се во процесот на формалното (редовно) образование 186.570 лица или 10,7 % посетуваат основно образование, 80.378 лица или 4,6 % се во средното образование, додека 93.804  лица или 5,4 % се во високото образование, на магистратура  и на докторски студии.

Вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе изнесува 1.525.366 лица, од кои 717.769 лица се дел од активното население, односно 608.520 лица се вработени, а 109.249 лица се невработени. Бројот на неактивните лица изнесува 768.549.

Според највисокиот степен на школска подготовка, најмногу невработени, 56.701 лица се со средно образование од кои  34.313 се мажи и 22.388 се жени.

Според  дејноста, најмногу вработени,  123.347 лица има  во преработувачката индустрија, од кои 65.751 се мажи и 57. 596 се жени.

Во вкупното резидентно население, бројот на издржуваните лица изнесува 450.766, а на лицата со попреченост изнесува  94 .412. Според видот на попреченоста, најголемо учество од 8% или  38.499 имаат лицата со потешкотии со движењето.