Речиси 3.000.000 евра за деловен простор во седиштето на НАТО во Брисел


Фото: Б. Грданоски

Владата на денешната седница ја отвори расправата за Предлог-буџетот за 2020 година. Како што соопшти владината прес-служба, министрите ги презентираа програмите што треба да се финансираат од буџетот за наредната година и донесоа одлука Предлог-буџетот за 2020 година, како и Предлог-законот за извршување на Буџетот за наредната година да бидат утврдени на наредна седница на Владата која треба да се одржи идната недела.
На седницата е усвоена информацијата за купување и адаптација на деловен простор во седиштето на НАТО во Брисел за потребите на Мисијата на Република Северна Македонија при НАТО со Предлог-одлука за купување со непосредна спогодба на недвижни ствари.
Според информацијата предвидени се 2.872.255 евра за купување 996,37м2 (878,10м2 нето) на административните простории, за паркингот и за реализација на градежните работи на адаптација.
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата со акциски план на проектот Изградба на нов објект Поликлиника Сарај при ЈЗУ Здравствен дом.
Усвоени се и три одлуки за распределба на средства обезбедени во потпрограмата Капитални дотации во единиците на локалната самоуправа на Министерството за транспорт и врски, за да се реализираат проектите што се дојдени како амандмани на пратениците во Собранието, членови на Комисијата за финансирање и буџет.
-Со новата распределба ќе започнат градежните активности (бушотини) на потисен цевковод, за обезбедување водоводна мрежа во село Дрвош, општина Босилово, во вредност од 3.000.000, санација на свлечиште Подареш-Смиланци во општина Радовиш во висина од 5.000.000, санацијата на свлечиште во општина Кавадарци вредна 7.000.000,00 денари, се наведува во соопштението од владината прес служба.
На предлог на Министерството за транспорт и врски донесена е одлуката за распределба на средства обезбедени во потпрограма Сообраќај и комуникации од капиталните дотации во единиците на локалната самоуправа за реализација на проектите за асфалтирање на улица „Христијан Тодоровски Карпош“ – втор крак во општина Чаир, за реконструкција на патот во село Матејче, општина Липково, за изградба на пат со кој ќе се поврзе селото Копаница во општина Сарај со регионалниот пат Скопје-Тетово, за изработка на проектна документација за изградба на булевар на делницата од Момин Поток до обиколницата кај Визбегово во Град Скопје, и за изградба на кружен тек во село Мислешево – Струга.
Вкупната инвестиција на овие инфраструктурни патни решенија изнесува 12,8 милиони денари.