Речиси 1.000 жени лани биле жртви на семејно насилство


Минатата година од вкупно 1.117 регистрирани кривични дела од областа на семејното насилство, 942 се жени, сопруги, мајки или ќерки, а од вкупно пријавените сторители 1.061 се мажи. Ова, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, укажува на потребата од заедничко институционално дејствување и преземање мерки кои ќе придонесат за намалување на семејното насилство.

Министерот Спасовски, кој денеска присуствуваше на завршната средба на тема „Заедно до брзо решение на семејното насилство и насилството врз жените“, истакна дека семејното насилство има негативни последици не само во семејствата туку и во целокупното општество.

 

-Сведоци сме изминативе години на глобално и национални рамки презенирани идеи и решенија за заштита на жената, спречување на семејно насилство, вклучително и на превенцијата од најтешките форми на криминалитет како што се сексуалното насилство и експлоатација. Сето она за што до пред две децени малку се зборуваше и дејствуваше сега е во фокус на јавниот и институционалниот интерес како приоритетен проблем, изјави Спасовски.

Тој потенцираше дека заштитата, детекцијата и превенцијата од овој облик на криминал е и ќе биде и понатаму работа на координиран и слоевит меѓуинституционален ангажман во кој не е исклучена ни конкретната партиципација на сите вонинституционални, граѓански фактори, како што всушност е и Националниот совет за родова рамноправност.

Увери дека МВР останува доследно да дејствува со цел искоренување на ваквите појави и санкционирање на секој еден насилник.

Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин рече дека семејното насилство бара комплексен пристап и во никој случај не смее да се прифати како оправдано однесување.

Оцени дека државата има воспоставено стабилен систем и ги презема сите потребни мерки и изрази задоволство од се почетото јавно говорење на оваа тема.

Заменик министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ од друга страна посочи дека Министерството за правда во идниот период предвидува давање препораки за активности кои ќе се однесуваат на судските постапки и бесплатната правна помош.

Заменик координаторот во Националниот совет за родова ранмноправнсот Мартина Станковиќ посочи дека соработката помеѓу засегнатите страни е добра, но оти има простор за подобрување.

 

Завршната средба следува по одржани шест средби на оваа тема, на која учестувале сите релевантни чинители.

-Имаме меѓусекторска соработка, но не е доволна дефинитивно треба да се провери како се применува протоколот за меѓусебна соработка во пракса, да се забрза процесот на решавање на случаите, институциите да дејствуваат паралелно, да не се прави двојна виктимизација на жртвите, да се направат електронски современи софтвери во кои ќе се види текот на случајот. Исто така потребно е и работа на превенција уште од основното училиште со цел препознавање на насилството, порача Станковиќ.

Средбата „Заедно до брзо решение на семејното насилство и насилството врз жените”, се одржа во организација на Националниот совет за родова рамноправност.