Реч на Јелена Лужина на отворањето на изложбата на Илија Аџиевски

Еден од оние (ретки?) уметници трагачи, неспокојни и посветени ученици перфекционисти, кои како да се водат од олимпиското гесло citius, altius, fortius (побрзо, повисоко, посилно)


Фото: Б. Грданоски

Инспиративна реч за монументалното портретно творештво на скулпторот Илија Аџиевски, синоќа, на отварањето на неговата ретроспективна изложба „Портретот во фокус“ во Даут пашиниот амам во Скопје, имаше писателката, и поранешен професор на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јелена Лужина .

Како пријателка и почитувач на неговото дело, Лужина, од петмината ликовни капиталци кои ја задолжиле македонската уметност, истакна декаАџиевски има најкомпликувана и најнеобична биографија, речиси холивудска, преполна со пресврти, ефекти на изневерени очекувања и на сето она што во драматургијата се нарекува suspencе.“

Еве  ја во целост речта на Јелена Лужина на отварањето на изложбата во Скопје.

* * * 

STUDIO ANCORAзапишал во својот легендарен дневник Микеланџело Буонароти, во Фиренца, во октомври 1562 година, на 87-годишна возраст, петнаесетина месеци пред да отпатува кон вишните неба. Каде што, верувам, и сега расправаат за оној магичен детаљ од сводот на Систина:  мигот кога Створителот на Адам му ја подарува бесмртната творечка душа. Божествениот миг! Кој се случува ретко, всушност: исклучително ретко, дури и во езотеричниот свет на уметноста!

Оваа капитална максима на Микеланџело –  STUDIO ANCORA, или, во превод: сѐ уште учам, и натаму учам, продолжувам да учам… – одамна ја врзав  и спонтано/интуитивно продолжувам да ја врзувам за творештвото на Илија Аџиевски. Еден од оние (ретки?) уметници трагачи, неспокојни и посветени ученици перфекционисти, кои како да се водат од олимпиското гесло citius, altius, fortius (побрзо, повисоко, посилно). Неуморниот Аџиевски ѝ останал верен/доследен и денес, додека чесно ја троши 96-тата година од својот долг, исклучително драматичен и ретко исполнет/кадарен живот. Кој вечерва симболично се маркира со оваа изложба. Шеснаесеттата самостојна изложба во неговата  речиси седумдецениска кариера. А требаше да ги има барем уште толку: имаше и зошто и од што да се постават!

Фото: Б. Грданоски

Илија Аџиевски ѝ припаѓа на првата македонска скулпторска генерација или „репрезентација“ составена од четирите асполутни капиталци – сите родени во дваесеттите години од минатиот век: Борка Авсрамова (1924-1993), Јордан Грабулоски (1925-1986), Илија Аџиевски (1926), Боро Митриќески (1927-2018). Астрална генерација, отшколувана главно во Загреб, под сигурна рака на велемајсторите од форматот на Антун Аугустинчиќ, Франо Кршиниќ, Вања Радауш… И под грамадната сенка на протомајсторот Иван Мештровиќ. Кон овој маестрален македонски вајарски квартет, бездруго, треба да го придружиме и троа помладиот им колега  Ордан Петлески (1930-1997), роден во првиот месец од наредната триесетта декада (јануари 1930),  прв Македонец кој стасал до Венецијанското биенале (1964) и до редица сериозни европски награди. Првиот македонски енформелист – критичарите некогаш велат дека енформелот е нешто меѓу сликарство и скулптура, некој вид алка што симболички ги сврзува…

Од овие петмина ликовни капиталци, Аџиевски има најкомпликувана и најнеобична биографија, речиси холивудска, преполна со пресврти, ефекти на изневерени очекувања и на сето она што во драматургијата се нарекува suspence. Детството му го маркирале семејните преселби, инцидентното школување полно со дупки и паузи, неизбежноста од рано вклучување во  семејниот  занает – грнчарството. Требаше, ајде да речеме, да го наследи занаетот на своите предци. Сепак, во неговиот „случај“,  судбинскиот допир со земјата, со глината – првиот допир со материјалот на кој,  подоцна,  ќе му го подреди  сопствениот живот – во десет-дванаестгодишникот Илија силно ја поттикнува љубопитноста, страста по обликувањето, „волјата за моќ“, како што вели Ниче… И така почна учењето: спонтано, интуитивно, целоживотно…

Гледајќи наназад и сумирајќи ги неговите лични/интимни „општожителски“ епизоди,  речиси  протобиблиски, како оние од Христовите патувања со крстот – безнадежни семејни сиромаштии, талкања, акања, „партизании“, активизми, фанатизми (дури и идеолошки/левичарски импостирани!), купишта полициски суспекции, прогони, затвори, голооточкиот логор, понижувања… – просто е за неверување дека Илија Аџиевски успеал САМ, СОСЕМА САМ, не само да го освести својот долг уметнички пат, но и да го изоди, цврсто и простум. Чесно. Творечки беспрекорно!

Можеби и затоа,  избрал доминантниот темат (или формат) на неговото вајарство да биде токму портрет. Крајно интимен ликовен медиум или жанр, во принцип форматиран in camera caritatis, во четири очи, во доверба, sub rosa, како на исповед 

Аџиевски, секогаш, своите модели ги одбирал самиот. Не портретирал „по порачка“, туку  исклучиво по афинитет. По сродност. По „имање муабет“, како што вели дедо Марко Цепенков. Никогаш нема да знаеме што муабети правеле тој и неговите собеседници, додека ги моделирал – во глина!  Анте Поповски, вели, го измоделирал за само два часа. Мудриот Шоптрајанов во ателјето му доаѓал цели две недели. А првите комшии, Оливера Николова и Цане Андреевски? А Горан Стефановски, редок собеседник кој тешко и долго се отвораше, знам од опит? Ама затоа можам да се заколнам оти Петре Прличко – маестрална фигура и чудо од човек! – несомнено бил најдрдорливиот од сите „креативни гости“… Колку ли пуста глина мораше да измеси Илија Аџиевски, за потоа да ја форматира/моделира во оваа антологија на македонската ликовна историја, постапно леана та излеана во бронза?  (Не го прашав, ама знам – сигурна сум дека знам! – зошто портретите никогаш не ги работел во камен.)

Изложбата ПОРТРЕТОТ ВО ФОКУСе нестандардна/необична „по сите нишани“ (пак Цепенков). Една е од најексклузивните и најспецифични изложби кои ги видовме кај нас. Нејзиниот концепт, но и самата постановка во просториите  на Даут-пашиниот амам,  поинаква од сите кои ги видовме досега, како да нѐ доближува до високите изложбени стандарди на Бобур , Вила Боргезе, Палацо Граси