Рецензија на „Рокетмен“: Мјузикл за Елтон Џон, кој не е биографија


Филмот е во режија на Декстер Флечер, а играат Тајрон Егертон, Ричард Маден и Брус Далас Хауард

Кога од некого се очекува да биде натчовек, најчесто нему му се придава епитет на некој предмет или натсуштество. Така беше сè до крајот некаде на деветнаесеттиот век кога за оваа цел почнаа да се применуваат машините. Со други зборови, се очекува некој да функционира строго и бесчувствено како машина; во случајов како ракета во ѕвездена прашина. Овој филм жанровски спаѓа во она што се нарекува биопик, а стилистички – мјузикл (бидејќи има многу музички точки со хитовите на Елтон Џон). Но треба да се нагласи дека е сепак само мјузикл. Бидејќи иако уметноста никогаш не ја имитира реалноста, жанрот биопик инсистира на нејзината најблиска точност, така што она што сепак мора да се исфрли да не ја наруши веродостојноста на целосниот приказ. Тука, за жал, многу нешто е исфрлено бидејќи тоа некому не би му било по ќеф. Така, на пример, сосема е заобиколена епизодата дека Елтон Џон својот прв, огромен успех му го должи на договорот што го потпишал со американската војска. Двата први албума што произлегле од оваа соработка се и до ден-денес недосеглив финансиски успех во музичката индустрија. Исто така, нема ништо за популарните бисексуални оргии кои овој сигурно најбогат музичар на сите времиња ги правел во седумдесеттите со Мик Џегер и Дејвид Боуви и кои тогаш го вивнале највисоко од сите поп-ѕвезди. Речиси не е спомнато дека овој Британец е и бизнисмен во многу други области, има купено фудбалски клуб итн. Овој филм сценаристички се фокусира на проблемите што Елтон Џон ги имал како резултат на зависноста од многу пороци и ригидноста на сè она што го опкружувало, но не кажува ништо за тоа од каде би можеле да произлезат овие проблеми. Добриот почеток со американската војска му осигури супериорност бидејќи тогаш ретко кој се зафаќаше својата популарност да ја стави во полза на САД. Да се потсетиме тоа беше времето на Виетнам. Тој е еден од главните (заедно со обновените студиски продукции Лукас-Спилберг) кој успеа во тоа време да го обели образот на оцрнетиот Запад. Инаку, да знаете дека ни најмалку не е тајна дека големите индустрии, како воената и филмската, соработуваат, за што и академски сосема обилно се учи во западните средно и восокообразовни институции. Меѓутоа, од мистериозни причини Елтон Џон во еден момент се сврте кон другата страна. Правеше хитови како „Никита“, посветени на работничката класа, ја величаше Мерилин Монро, за која сигурно дознал уште тогаш дека била руска шпионка. Така што голем дел од пуританскиот бизнис му го сврте грбот и тој се најде во нечисти раце. Во мјузиклов нечистите раце се оние на родителите. Татко му му рекол да не гледа женски списанија како девојче, а мајка му му рекла дека со тоа што се определил да е геј се осудил себеси на доживотно отсуство од адекватна љубов. Не знаеме точно колкаво е влијанието на самиот Елтон Џон во овој мјузикл. Изгледа како либретото да го напишал самиот тој. Музиката и музичките сцени, пак, и покрај тоа што се олицетворение на екстраваганцијата на скапотијата без вкус, не може да се каже дека не побудуваат само рамнодушност. Некаде е направена преголема утка со преубавите песни на овој редок талент, стипендијант на Кралската музичка академија. Аранжманите изгледаат претенциозно и стилски несигурно. Актерите се сите врв на професионализмот и актерски и музички, но ова не е ништо ново за Западот. Таму, еднаш да кикснеш, и те нема засекогаш. За разлика од Северна Македонија, каде што колку повеќе си неквалитетен (и дури и гласот може да ти е неприроден како во радиопрезентациите во шеесеттите) толку си им помил на политичките партии кои непрофесионалноста ја издигнуваат на пиедестал на економска генијалност. Затоа толку инвестираат во тој опскурен и нелегален пи-ар. Сепак, Елтон Џон и покрај сè не сакал да стане како Балканец! Оваа порака е најсилната страна на оваа продукција.

Игор Поп Трајков