Рецензија: „Аполо 11“


Доколку имате силна носталгија кон преминот 1960/70, погледнете го овој документарец „Аполо 11“, во режија на Тод Даглас Милер, со автентичното присуство на Нил Армстронг, Мајкл Колинс, Баз Алдрин, Џенет Армстронг и тој ќе ве пренесе во тоа време. Неговата убедливост е неверојатна – не случајно продуцент е „Си-ен-ен продакшнс“. Пред да се појави оваа продукција, се мислеше дека речиси сè било опфатено за стапнувањето на човекот на Месечината, но филмов успева да го долови невозможното – како сето ова го доживеале учесниците во оваа вселенска мисија како обични луѓе. Значи, овој документарец се состои од снимени материјали на 70 милиметарска лента и аудиозаписи кои досега не биле воопшто прикажани. Наведениот филмски формат на времето се користеше само за најскапите филмски продукции (како на пр. „Лоренс од Арабија“) кога беше неопходно да се стокми голема визуелна содржина во само еден кадар; како на пр. цела композиција на воз во пустината во „Лоренс…“ или (пак пример од истиот филм) кога треба да се сними ентериер со подот и таванот истовремено. Така што во овој филм можете да се науживате во наситеноста и бистрината на фотографијата. Современите дигитални формати сè уште не можат да го досегнат квалитетот на овој аналоген медиум.

Естетиката на овој филм најдобро ја доловува Џон Кенет Мур во „Хорор филмовите на седумдесеттите“ кога зборува за филмот „Протокот Андромеда“- дека станува збор за „антисептични ентериери.“ Кога ги гледате снимените материјали од овој период, се вчудовидувате колку сè изгледа совршено. Како да не постои прашина на овој свет. Архитектите и дизајнерите несомнено ќе се воодушевуваат од овој филм. Тука е присутна онаа совршена естетика на шеесеттите каде нема никакви вишоци, ни кич. Ентериерите се совршено геометризирани и обилно осветлени со пространите прозорци. Дури и првобитната техника (компјутери, екрани, слушалки…) од дизајнерски аспект изгледа како да е пред нашево време. Облеката, пак, е како излезена од семејните списанија за високата средна класа. За совршениот изглед придонесува и пушењето кое во ова време се правело ентериерно, кое со својот обилен фотогеничен ефект прави да заборавиме дека станува збор за опасен порок. Навистина површниот интерес кон појавноста го потиснува интересот на денешниот гледач кон суштината на филмот. Таа се сведува на сентенцата – „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“. Значи, не можеме точно да објасниме каква е таа мистериозна сила која го тера човештвото да ја упатува својата љубопитност кон далечните и пред сè опасни простори? Тоа е сепак, се чини, љубовта кон нашата планета, цивилизација. Која нè стреми да сакаме да оставиме нешто повеќе (од она што веќе било постигнато) за наредните генерации. Друг квалитет на овој документарец е чувството за детали воопшто, како и исчекорот кон необичните детали. На пр. прикажано е и протекувањето на горивото од ракетата кое се случило во последниот миг пред излетувањето. Дали заради преголемиот интерес на јавноста и стравот од бламирање ова лансирање, сепак се случило? И за среќа сè добро завршило??

Овој филм исто така се фокусира на феноменот на јавноста која е гладна за поттикнувачки настани. Кои потоа би станале дел и од нејзината реалност- не само на астронаутите. Јавноста и во овој случај ја интересира само блескавоста на успехот, не како до истиот се доаѓа. Но сепак јас мислам дека и во ова е направен еден голем исчекор бидејќи првпат (историски гледано) многу се зборувало и за тимот кој стоел зад мисијава. Овој документарен филм може да го долови токму тоа – гламурот на малите луѓе. Можеби за прв пат на големиот екран сите тие контролори на летање, службеници, продавачки, туристи, бирократи и научници (во кои сите и од сите аспекти се сомневаат) ги видовме како ликови- протагонисти на напредокот, пред сè херои на новото време. Музиката на Мат Мортон иако неверојатно функционална со својот ретро-ефект, сепак мислам дека има преголемо влијание од Џорџо Мородер.

Игор Поп Трајков