„Ребека“ се враќа позрела, добивме тони љубов од Фиренца: Ива Милошевска открива зошто желбата за убав накит не згаснува ниту во криза


Лејла Сабит

„Ребека“ се враќа дефинитивно поодговорна, а услугата во салонот, која е наш врвен приоритет, ќе мора да подлегне на одредени адаптации кои се за доброто на сите. Ако италијанскиот шарм и мода се глобален императив, префинетиот трендовски дизајн дефинитивно нема да изостане во нашиот салон, а она што е на повидок е една позрела и поискусна „Ребека“ подготвена да се соочи со предизвиците на новата нормала, вели за „Независен“ сопственичката и менаџер Ива Милошевска.

Зошто креативноста и естетиката ќе бидат во фокусот без да се нарушат здравјето и безбедноста на клиентите, дали соработката со базата од Италија продолжува со истата динамика, и како дигиталните медиуми станаа приоритет, во продолжение на интервјуто.

Како се враќа „Ребека“ во Македонија по пандемијата? Поодговорна, пософистицирана или помодерна?

-Првиот работен ден на салонот по пауза од точно два месеци беше апсолутен сплет од емоции на скала од нула до сто! Бевме пресреќни што повторно се отвораат вратите за посетителите, а после долго време поминато во виртуелна комуникација со тимот, имавме многу да си кажеме, да споделиме идни планови и насоки за работењето, но постојано се сепнувавме обидувајќи се да ја одржиме препорачаната социјална дистанца. По малку исплашени од неизвесноста која демнее над сите нас, бевме тажни што креативноста и естетиката ќе мораат да ја редефинираат здравствените препораки и мерките за заштита, имајќи го предвид најважното: нашето здравје и безбедноста на нашите клиенти. „Ребека“ се враќа дефинитивно поодговорна, а услугата во салонот, која е наш врвен приоритет, ќе мора да подлегне на одредени адаптации кои се за доброто на сите. Ако италијанскиот шарм и мода се глобален императив, префинетиот трендовски дизајн дефинитивно нема да изостане во нашиот салон, а она што е на повидок е една позрела и поискусна „Ребека“ подготвена да се соочи со предизвиците на новата нормала.

Италија беше една од најпогодените земји во светот од коронавирусот. Дали соработката со брендот од Фиренца продолжува со истата динамика?

-Базата во Италија ги затвори вратите на неодредено време точно на 13 март. За сезоната пролет/лето 2020 имавме многу планови: нова фотосесија со нашата пријателка Каролина Гочева Корубин, сегментирање на тин-колекцијата со ангажман на нови интересни ликови, гламурозен настан за промовирање на новите колекции на кој во Скопје требаше да дојде по втор пат лично Ребека Тести, а кој беше закажан токму на денот на нејзиниот роденден… За жал, сите овие планови се одложија за некои подобри времиња, но не се откажаа! Во текот на овие два месеци останавме во постојан контакт со претпоставените од италијанската база кои од прва рака ни кажуваа за пустошот низ улиците на Фиренца каде единствени со право на циркулирање им беа доставата на храна и лекови. Навистина сочувствувавме со сиот траор низ кој поминаа нашите италијански колеги. Разменетите пораки беа во насока: „ќе дојдат подобри времиња, кога ќе имаме и поубави настани и многу работи на кои ќе се радуваме“. На првиот работен ден на салонот во Скопје, Фиренца го упати својот познат поздрав: „Andrá tutto bene“ со објава на социјалните мрежи која велеше: „тони љубов за нашите девојки од Македонија“. Од тој оптимизам, и ние се охрабривме. Мерките на изолација во Италија неодамна преминаа на втора фаза, но изостана вообичаениот џагор низ улиците и динамиката која сме сите навикнати да ја гледаме. „Индустри Тести“ започна со работа на 11 мај во редуциран состав согласно тамошните препораки, но за почеток, приоритет при нарачките е даден на модната индустрија и големите брендови за кои фабриката работи како Fendi, Gucci, Balenciaga, YSL, Burberry и други. Веќе од оваа недела се процесуираат и сопствените нарачки, па следната испорака за Скопје ја очекуваме наскоро!

Накитот досега спојуваше убави луѓе, на убави места, со вкус и стил кои знаат да распознаат знаење, наука и естетика. Како сега да се допре до јавноста во „новиот свет“?

-Опциите кои нѐ затекнаа буквално преку ноќ, беа или да чекаме некои подобри времиња седејќи дома или да се одважиме, да покажеме волја и да најдеме алтернативен и креативен начин да ја продолжиме нашата убава приказна и врската со купувачите, онолку колку што е возможно. Непланирано, сета комуникација на брендот моравме да ја адаптираме на новонастанатата состојба а дигиталните медиуми секако станаа приоритет. Од првиот ден на затворањето на трговските центри, ние на потешкиот начин ја сфативме важноста од диверзификација на каналите на продажба. Фејсбук и инстаграм станаа главните канали на комуникација, формиравме наша веб продавница на www.gruper.mk а во процес сме на поставување на наша сопствена алтернативна страница за продажби бидејќи договорот за франшиза кој го имаме содржи ограничувања во поглед на тој канал. Имено, истите се дозволени само преку главниот сајт на брендот кој одлично функционира во рамките на земјите од ЕУ, но испораките за Македонија подлежат на одредени давачки при увоз на производот во земјава, пакување, испорака и слично. Успеавме да се консолидираме буквално преку ноќ ставајќи акцент на производите кои се соодветни за лежерни комбинации во однос на модните колекции а содржините за презентирање ги адаптиравме од свечени и гламурозни во секојдневни и умерени. Асистентите на продажба станаа диспечери и одговараа на сите прашања и барања од клиентите а нашиот колега кој работеше поставување на брендот на терен соодветно го опремивме за безбедна достава. Сега, наместо едно продажно место, на овој начин, ја покриваме територијата на целата држава. Особено ми е драго што ниту еден член од тимот не остана без работа, помош од државата досега не побаравме, платите ги задржавме на исто ниво како пред затворањето, а размислуваме и за натамошно проширување и дополнување и со нови интересни содржини.

Со заштитното лице на „Ребека“ Каролина Гочева-Корубин

Животот стана онлајн, особено модата. Дали пандемијата ќе не смени и како потрошувачи и како еден вид зависници од облеката и од модните додатоци?  

-Во светот на модата, онлајн ревиите и интерактивните каталози станаа сечие секојдневие. Деновиве во модните кулоари актуелно е покачувањето на цените на брендираните чанти на големите светски модни куќи кое предивзика бура од реакции (повеќето негативни) кај љубителите на модата. Како причини беа наведени достапноста на тие производи во разни делови од светот заради намалената циркулација на купувачи, зголемените трошоци по единица производ пред сѐ заради покачувањето на цените на репро материјалите, задолжителната заштитна опрема и дезинфициенси во процесите, реорганизацијата кон подолго сменско работење заради органичување на бројот на ангажирана работна сила а со тоа и повисоки режиски трошоци, зголемувањето на транспортните трошоци во услови на затворени аеродроми и транспортни коридори и слично. Модата секако не е неопходност во услови на социјално дистанцирање и затворени јавни објекти. Ние сме свесни дека тој опаѓачки тренд ќе се рефлектира и на нашите продажби особено во овие година дена кои претстојат. Разбирливо, во услови на пандемија, навиките и ставовите на потрошувачите се комплетно сменети, па изборот кај модните додатоци е исклучително рационален и внимателно промислен. Сепак, на среден рок, сигурна сум дека потребата од естетика и желбата за убавите нешта, повторно ќе се врати на старата добра нормала.

Koja e вашата порака до потрошувачите?

-За сега, најважно од сѐ за сите нас е да останеме во добро здравје и да направиме сѐ што е во наша моќ за да се заштитиме себеси, нашите најблиски и најсакани! Да се радуваме на секој нов ден со позитивни мисли и да бидеме убави и стокмени дури и низ дома! Ќе дојдат подобри времиња, треба само да бидеме трпеливи и да истраеме.