Ребалансот на Буџетот требаше да се донесе порано, кратењето на расходите е недоволно, оценува „Фајнанс тинк“
Ребалансот на Буџетот беше очекуван, но донесен со значајно задоцнување, во контект на потребата тој да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите непродуктивни трошења и трошења кои изгубија приоритет во кризната состојба, оценува Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.
Според „Фајнанс тинк“ ревидираната проекција за пад на економијата од 3,4 отсто е коректна и во линија со предвидувањето на овој ттинк-тенк институт од 11 април 2020.
„Сепак, оваа стапка е со понатамошни надолни ризици, што негативно може да се рефлектира и врз приходната страна на буџетот во третиот и четвртиот квартал, што може да предизвика потреба од втор ребаланс“, оценуваа „Фајнанс тинк“.
Од таму додаваат дека падот на даночните приходи е резултат на намалената економска активност. Но, истовремено, ризикот од пораст на даночната евазија е нагласен па неопходно е во следниот период фокусот да се стави врз засилена контрола и санкционирање на даночната евазија.
„Буџетскиот дефицит е очекуван и е директен резултат на негативните последици врз економијата од појавата на Ковид-19. Тоа наметнува и потреба за изготвување оптимален план за негово финансирање во тековната година, но и редизајнирање на планот за среднорочно финансирање на јавниот долг“, се вели во коментраот на „Фајнанс тинк“, при што се нагласува дека „неминовно, задоволувањето на оваа голема потреба од финансирање ќе ја наметне и потребата да се дискутира за ревидирање на даночни стапки по стивнувањето на првиот удар на кризата“.
Од овој економски институт сметаат дека расходите наменети за Ковид-19 програмата се коректно димензионирани, со голем потенцијал за нивно зголемување во третиот квартал, заради потребата од воведување дополнителни мерки за делување на среден и долг рок, вклучително и мерки за поддршка на извозно-ориентираните компании. Но, од друга страна, се додава дека кратењето на вкупните расходи е недоволно.
„Во услови кога постои неодложна потреба за поголеми трошења за справување со негативните последици од корона-кризата и истовремено голем пад на приходите, скратените постојни расходи се недоволни да ги компензираат зголемените трошоци сврзани со Ковид-19. Само 68 отсто од трошоците за Ковид-19 се покриваат со скратените расходи“, велат од „Фајнанс тинк“.
Според „Фајнанс тинк“ очигледниот напор да не се скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен.
„На пример, буџетската ставка за стоки и услуги е намалена за 8,7 отсто во споредба со иницијалниот буџет, а платите и надоместоците за 1,4 отсто, или севкупно 0,9 отсто намалување во однос на вкупниот планиран буџет за 2020 година. За споредба, кратењето кај капиталните расходи е речиси двојно поголемо, 18 отсто во споредба со иницијалниот план или 1,8 отсто од Буџетот за 2020 година. Последново не кореспондира со најавите за интензивирање на извршувањето на капиталните расходи на државата, па дури и отпочнување планирани проекти за 2021 и 2022 во тековнава година“, велат од „Фајнанс тинк“.
Од таму нагласуваат дека кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигури фискален простор за финансирање на мерките сврзани со Ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза.
Во однос на капиталните расходи, „Фајнанс тинк“ констатира дека оваа ставка е на удар и во овој ребаланс, како што тоа беше случај и во последната деценија и повеќе и дека 65 отсто од вкупните скратени расходи се од оваа ставка.
„Дел од таквото кратење е поради неможноста да се донесе системско решение за менаџирање и планирање на капиталните расходи во изминатиот период, како на пример среднорочното планирање, а кое експертската јавност и меѓународните институции го укажуваа во повеќе наврати. Второ, кратењето доаѓа и поради веќевообичаеното надувување на овие трошења во иницијалното планирање на Буџетот. Трето, за очекување е дека поради воведените рестриктивни мерки и новонастанатата кризна состојба, активностите за реализација на дел од капиталните расходи ќе забават“, се вели во коментарот на „Фајнанс тинк“ за ребалансот на Буџетот што беше донесен на 15 мај ггодинава.
Притоа се додава дека анализата на пропорционалноста на кратењата на трошоците по буџетски корисник и програми е невозможно да се направи во моментот, поради немање доволно информации и увид на целокупниот документ на ребалансот на Буџетот, па поради тоа од „Фајнанс тинк“ оценуваат дека транспарентноста сврзана со ребалансот на Буџетот е поткопана.