Ребалансот на Буџетот пред пратениците: За власта нужен, за опозицијата на штета на работниците

Од СДСМ рекоа дека нема да го кочат донесувањето на ребалансот на Буџетот за да може вработените во новите министерства да добијат плата, но ќе гласаат против бидејќи владиниот предлог е лош и на штета на работниците


Собранието во рамките на 12-тата седница ја почна расправата за ребалансот на Буџетот за 2024 година која може да трае најмногу три дена. Како што образложи во воведното излагање министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, ребаланост е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите кои што имаат соодветна динамика. Од опозициската СДСМ, пак, рекоа дека нема да го кочат донесувањето на ребаланост на Буџетот, образложувајќи го тоа со потребата вработените во новите министерства да може да добијат плата, но истовремено владиниот предлог го оценија како лош и на штета на вработените, бидејќи не се предвидени средства за зголемување на минималната плата и за зголемување на платите во повеќе дејности. Затоа ќе гласат против.

Министерката Димитриеска Кочоска рече дека дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година, којшто од денеска е на дневен ред на пленарна седница во Собранието, значи обезбедување ликвидност за сервисирање на сите обврски до крајот на годината. Средства, како што рече министерката за финансии во експозето по Предлогот, за зголемени пензии за пензионерите, за исплата на стекнатите права на работниците и раст на платите, за исплата на доспеаните обврски кон стопанството, истовремено обезбедувајќи нормално функционирање на институциите. 

 „Ребалансот на Буџетот за 2024 година претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината. Со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите коишто имаат соодветна динамика. Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината“, рече министерката за финансии.

Таа додаде дека фискалната политика до крајот на годината ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и оддржливо ниво на капитални расходи.

 „Целта на овој ребаланс е да најавиме на некој начин и по која линија ќе ја водиме фискалната политика во наредниот период. Да креираме буџети во наредните години кои ќе содржат приоритети кои ќе имаат додадена вредност, приоритети кои ќе дадат најдобар ефект за потрошените пари на граѓаните. Политики кои ќе не водат напред и кон подобро утре. При тоа  да ја имаме предвид и потребата од фискална консолидација, за постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг“, посочи Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година.  Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП.

Со ребалансот се обезбедени дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните,1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор,  437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата.

Исто така, со ребалансот се обезбедени 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти, како и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.

Со Ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 % од претходно проектираниот 3,4%, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5%.

Комисијата за финансирање и буџет во текот на амандманската расправа за ребалансот на Буџетот прифати два амандмана, за исплата на административците кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, како и за платено политичко рекламирање.

Со првиот усвоен амандман се предвидени 318 милиони денари за изборната администрација, а со вториот 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање, средства кои се наменети за исплата на законски обврски.

Пратеникот Димитар Ковачевски во дискусија за ребалансот рече дека СДСМ нема да го поддржи владиниот предлог оценувајќи дека нема пари за раст на платите во ниту еден сектор. Нема пари за покачување на минималната плата, за работниците, нема пари ниту за пожарникарите, војниците, полицајците, образованието… Не е скроен според потребите на македонската економија туку на владејачката коалиција“.

Ковачевски се осврна и на економските показатели, нагласувајќи дека според ребалансот, 4,9 проценти е дефицитот од планираниот БДП што е зголемување од една третина во однос на оригинално планираниот дефицит.  

„СДСМ нема да ја одолговлекува расправата за ребалансот. Во текот на комисиската расправа, СДСМ и коалицијата поднесоа 58 амандмани од кои не беше прифатен нту еден. Во делот на плати не се обезбедени срдетсва за континуиран раст на платите и за пораст на минималната плата, не се определени средства за раст на платите во образованието иако постојат поголеми приходи во Буџетот, не се предвидени средства за покривање на обврските од социјална заштита, ниту за покачување на правата за детска заштита, намалени се средствата за ИПАРД програмата, односно за земјоделците, како и средствата за авансна исплата на земјоделските субвенции,…, истакна Ковачевски кој ги спомна и новите четири министерства кои во тековниот буџет, напомена, немаат можност да исплатат плати на вработените. 

Претходно без расправа Собранието ги усвои првите шест точки на дневиот ред на седницата. 

Пратениците од Европскиот фронт ја напуштија седницата бидејќи од дневен ред беше симнат Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање. Пратеникот Халил Снопче од коалицијата ВРЕДИ оцени дека Европскиот фронт прави театар за законот за игрите на среќа.