Реал њуз: Макрон преку С. Македонија удри шлаканица за целиот регион


Имплементацијата на Договорот од Преспа во однос на ерга омнес употребата на новото име и веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да победи на изборите на 12 април 2020, се точките за кои Грција изразува загриженост по Самитот на унијата, според грчкиот весник „Реал њуз“ (Real news), jави дописничката на МИА од Атина.

Во текстот под наслов „Атина е загрижена за случувањата на Балканот“, новинарот, ја анализира ситуацијата во регионот по Самитот на ЕУ и француското вето, но и ставовите на Грција за темите кои директно ја засегаат.

-Директното прашање што произлегува за Атина е имплементација на Договорот од Преспа. Ерга омнес виси во однос на државните документи на Северна Македонија што се издадени пред ратификацијата на договорот, бидејќи предвиден е преоден период што е поврзан со отворањето на пристапните поглавја. Јасно е дека без датум за почеток на пристапни преговори, Скопје нема никаква обврска за промена на документите, пишува весникот.

Според „Реал њуз“, вториот и „уште поголем проблем за Атина“, би бил доколку на изборите на 12 април 2020 победи ВМРО- ДПМНЕ, „кое не е воопшто расположено да го имплементира договорот“.

-Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, до сега, никогаш го нема употребено терминот Северна Македонија. Дипломатски извори проценуваат дека ВМРО нема да го поништи договорот, што секако е основа за членство на Северна Македонија во НАТО. Сепак, сметаат дека ќе почне процес што веќе го има поминато Грција со Времениот договор, односно Скопје континуирано, онаму каде што може, да го прекршува Договорот од Преспа, пишува новинарот.

Во однос на земјите од Западен Балкан, по исходот од Самитот на ЕУ, весникот пишува дека „торпедото“ на Емануел Макрон за европската перспектива на Северна Македонија беше шлаканица за целиот регион. А аналитичарите и дипломатите на кои што се повикува, се согласни дека негирањето на 27-те земји од унијата да одредат датум за Албанија, „а особено за Северна Македонија значајно го намали зрачењето на ЕУ“.

-Според дипломатски извори, заедничкото чувство во сите земји од Западен Балкан беше дека „не не сакаат и треба да видиме што ќе правиме“. Ова не е добро за Европа, но генерално не е добро за Грција. Како што објаснуваат искусни дипломати, по Самитот во Солун, европската перспектива на земјите од западен Балкан е најважната алатка во односите на Грција со овие земји, објави грчкиот весник.

Новинарот во анализата, повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека по одлуката на Европскиот совет се отвора патот за „вмешување на трети земји како што се Русија, Кина, но и Турција, која континуирано се обидува да ги зајакне базите во регионот“.