Реал Мадрид е првиот тим на фајнал-форот во Евролигата


Европскиот шампион ќе го брани својот трофеј. Ниту спектакуларната атмосфера во „ОАКА“ арената во Атина не беше пречка за Реал Мадрид во плеј-офот, иако делуваше дека Панатинаикос би можел да дојде до првата победа во четвртфиналната серија.

Сепак, Реал Мадрид се крена во завршницата од мечот, ја искористи првата меч топка и обезбеди пласман на фајнал-форот во Виторија со победа од 89:82 за вкупни 3:0 во четвртфиналната серија.

Реал Мадрид имаше повеќе расположени играчи во своите редови. Најефикасни беа Руди Фернандез и Факундо Кампацо со по 16 поени, а двоцифрени беа и Рендолф со 14, Тејлор со 13 и Ајон со 12 поени. На спротивната страна, далеку најдобри беа Ник Калатес со 17 поени и Лоџески со 16.

Панатинаикос својата шанса во оваа серија ја испушти во првиот меч, кога загуби во драматичната завршница, додека Реал Мадрид покажа разновидност на трите меча. Токму тимската игра ќе биде главниот адут на „Кралевите“ на патот кон одбраната на европскиот трон од 17 до 19 мај.