Реакција од СДСМ: Мицкоски е шпицен аутсајдер


Откако врвот на ВМРО-ДПМНЕ го овластил Христијан Мицкоски да трага по парламентарно мнозинство, од СДСМ реагира дека „Мицкоски е шпицен аутсајдер, кој после трет пораз на избори одбива да се помири дека граѓаните не ги поддржуваат неговите груевистички политики“.

Според СДСМ, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се изгубени и во просторот и во времето. „Мицкоски губи трети избори по ред и сѐ уште одбива да се помири дека граѓаните сакаат да одат напред, а не да се враќаат назад. Тој е поразен политичар кој ги потценува граѓаните, ги потценува гласачите, па дури ги потценува и лаже и сопствените членови и поддржувачи. И Мицкоски и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со лажни приказни, со креирање лажна реалност можат да ги излажат граѓаните.

Мицкоски единствено за што може да преговара е за столчето во белата палата, зашто и тоа му е климаво“.

Според владејачката партија Мицкоски „од шпицен кандидат стана шпицен аутсајдер и затоа најдобро е да оди надвор од политиката, бидејќи граѓаните јасно му го покажаа патот“.