Реакции: Не се прават судски реформи под диктат на партиите!
Со разрешувањето на членовите на Судскиот совет владата става крај на Реформската агенда и на 750-те милиони од Брисел
Најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат интерпелација за членовите на Судскиот совет, нарекувајќи го судството „мочуриште“, е прочитана главно како најава да инсталираат свои партиски послушници, а не да прават реформи. Според Сефер Селими, аналитичар кој реагираше на социјалните мрежи, Мицкоски го користи моментот што го создаде Доналд Трамп за да го „зграпчи судството“, така што неговите тврдења дека прави реформи не се искрени.
„Во екот на интензивните глобални потреси што ги предизвикува претседателот Доналд Трамп, премиерот сака да го зграпчи моментот за воспоставување целосна контрола врз правосудниот систем. Фактот дека целта на власта не е искрена и не е водена од вистинската потреба за реформи го потврдуваат последните именувања во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, каде што новоизбраните членови од владата на Мицкоски се партиски меритократи тесно поврзани со владејачките партии.
Реформите во правосудството се повеќе од неопходни – доцниме 30 години. Но, тие не смеат да се спроведуваат според диктатот на партиите на власт. Процесот е јасно дефиниран во 40-те препораките на ЕУ, а нивното имплементирање траба да се направи во тесна соработка со домашни и меѓународни експерти, за да не завршиме повторно со ‘тефтерче правосудство’“, вели Селими.
Според реакцијата на Боби Христов, новинар, со иницијативата за разрешувањена членови на Судскиoт совет Владата се откажува од Реформската агенда од Планот за раст на ЕУ, врeден 750 милиони евра.
„Дали е тоа добро или лошо има поумни од мене да оценат. Но, она што несомнено е добро што Владата конечно потврди дека нема намера да ја спроведе таа агенда, дека тоа не е патот по кој таа ќе ја води државата, дека од ‘Европа дома’ во смисла на стандарди нема ништо… И тоа, во најмала рака, е чесно да им се предочи на граѓаните на оваа држава (а премиерот со најавената иницијатива токму тоа го направи) отколку лицемерно едно да потпишува во Брисел, а друго да зборува дома (и да гласа во Владата – оти сите документи се потврдени во Владата и испратени во Собрание на усвојување). Битно е барем знаеме на што сме. А што нѐ чека – е тоа ќе видиме“, напиша тој на социјалните мрежи.
Со реакција се јави и претходниот министер за правда, Кренар Лога. И според него, со иницијативата за разрешување на членовите на Судскиот совет Македонија отворено се спротивставува на извештајот од Оценската мисија, испратен во Македонија од ЕУ во 2023 година, кој е исто така инкорпориран во Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година.
„Сето ова е исто така дел од Реформската агенда на ЕУ за Западен Балкан, во рамките на која Северна Македонија добива средства и грантови во вредност од 750 милиони евра. Губењето на средствата од агендата за реформи во рамките на Планот за раст за Северна Македонија би имало сериозни последици:
1. Забавување на реформите – Овој план е поврзан со структурните реформи барани од ЕУ. Без овие средства, реформите може да се одложат или останат нецелосни.
4. Зголемување на финансискиот товар – Без помошта од ЕУ, владата ќе мора да обезбеди средства од други извори, како задолжување, што би довело до зголемување на јавниот долг.
5. Одложување на европската интеграција – ЕУ може да го протолкува ова како недостаток на сериозност во спроведувањето на реформите, што негативно ќе влијае на процесот на интеграција.
Ако Северна Македонија не ги исполни потребните услови, средствата може да бидат пренасочени кон други земји во регионот“, пишува Лога на Фејсбук.
Иницијативата на Мицкоски негативно ја оцени и лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој порача дека неговата партија е за судски реформи, но не преку самоволие и, како што вели, окупација преку смена на Судскиот совет.
„Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот совет од страна на власта. СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чувствителен сегмент“, напиша Филипче.
Многу реакции имаше и од граѓаните кои во принцип најавите за реформи од искуство ги гледаат како најави за ставање партиски послушници. Еве некои, надвор од тие што порачуваат „Браво Мицкоски“ и „само напред“:
„Ставете за судии послушници од штабови и ќе ве снајде истото што му се случува на Вучиќ во моментов…“
„Маневски да не го заборавите и жена му . Народот не го заборава, воведе категорија извршители“.
„Ако продолжите вака ќе нема што да менувате затоа што повеќе жители имаме на Запад отколку тука“.
„Подгответе се народ да му се случи на Мицковски…“
„Зар не ги сменил до сега: Па, ова не е хумано, требаше веднаш.“
„Време е нивните да дојдат“.
„Прво мора да се исчистат корумпираните пратеници и функционери, бидејќи тие ги направија институции корумпирани и криминални исто како во Србија“.
„Сегашниот Судски совет се криминалци кој од кој. Ако се изберат нови, ќе ги видиме“.
„Браво, осум месеци се занимаваш како јавен обвинител да си. Остави да си ја работат работата, а вие фатете се за вашата работа оти го спобудаливте народот од сиромаштија. Не ја покривајте вашата незаинтересираност за народот со судовите“.
„Така треба, после ќе ставите ваши судии и така судството ќе оди во круг бесконечно, а Македонија во провалија“.
„Сите ВМРО-судии ќе бидат, како и во државната безбедност.
„Почнавте да се инсталирате …“
„Политиката нема право да се меша во судството. Политичарите треба да се сменат и целокупниот систем во кој што опстојуваат. Судиите и обвинителите се плашат да носат правилни одлуки затоа што се притиснати од политичарите. Да не заборавам, вие си покачивте плати, а нивните кога?“
„Правдата е темел на секое демократско општество, а во Македонија таа предолго е заглавена во коруптивни механизми што го уништуваат правниот систем и ја разочаруваат јавноста. Време е за длабоки реформи, а не за козметички промени што само ја продолжуваат статус-кво состојбата.и ова, нека биде само прв чекор во длабоките промени кои треба да се случат. Да се исуши конечно тоа повеќе од 30-годишно мочуриште кое ја исуши Македонија!“
Инаку, најдобар приказ за тоа колку се искрени реформите во судството и што се се користи за да се оправдаат беше повикот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов да се излезе на протестот против „системот кој убива и дозволува криминалци да шетаат по улиците“.
„Убиството на младата Фросина е доказ дека главната борба треба да биде насочена кон тоа да добиеме судии и обвинители кои ќе ја вршат својата работа и нема да дозволуваат апсени криминалци да шетаат по нашите улици“, порача тој. Се покажа дека самиот возел пијан и без возачка дозвола, дека самиот направил сообраќајка и настрадала жена која, за среќа, не завршила фатално и добил само парична казна.