Реакции на Кремљ, Белата Куќа и ЕП по настаните во Венецуела


Ситуацијата во Венецуела се влошува откако опозицискиот лидер Хуан Гуаидо ги повика граѓаните и армијата да го поддржат во соборувањето од власт претседателот Николас Мадуро, а реагираа Белата куќа, Кремљ и претседателот на Европскиот Парламент.

Белата куќа наведе дека претседателот на САД, Доналд Трамп ја следи ситуацијата, додека Кремљ наведе дека за Венецуела претседателот на Русија, Владимир Путин разговара со постојаните членки на рускиот Совет за безбедност.

На најновите настани во Венецуела реагираше и претседателот на ЕП, Антонио Тајани, кој на Твитер напиша дека денеска „е историски момент за враќање на демократијата и слободата во Венецуела, што секогаш има поддршка од ЕП.

Гуаидо денеска изјави дека ја почнал „завршната фаза“ од својот план да го смени претседателот Мадуро, повикувајќи ги Венецуелците и армијата да го поддржат „и да и стават крај на узурпацијата на Мадуро“.

Тој на својот профил на Твитер објави видео на кое држи говор во присуство на луѓе во воени униформи и опозицискиот политичар Леополд Лопез, кој е во куќен притвор.

– Националните вооружени сили донесоа исправна одлука и сметаат на поддршката на венецуелскиот народ, рече тој.

Владата на Венецуела соопшти дека тоа е мало востание и го обвини Гуаидо за започнување државен удар.