Развојна банка: Нормализирано поднесувањето барања за Ковид 3 кредитната линија


Нормализиран е процесот на поднесување барања за бескаматните кредити од Ковид 3 кредитната линија, што се врши онлајн, соопшти денес Развојната банка. 

„Поради големината на сообраќајот во првите 24 часа, која што беше осум пати поголема од сообраќајот за Ковид 2, протокот на е-маил пораките испратени кон [email protected] беше намален“, објаснуваат од банката.

Намалениот проток влијаеше на тоа да биде потребен подолг временски период да се обработат пристигнатите е-маил пораки и автоматските одговори кон апликантите се реализираа со одредено задоцнување.

Од Развојната банка додаваат дека со извршената оптимизација на сообраќајот е значително намален периодот на обработка од испраќање на апликација кон [email protected] до добивање на автоматска повратна порака.

Сите кои што направиле обид да испратат апликација кон банката, а притоа не добиле автоматска повратна порака, може да ги направат минималните проверки за точноста на е-маил адресата, големината на прилозите, како и дали е-маил пораката е испратена согласно Упатството за аплицирање.

Пристигањето на кредитни апликации во Развојна банка продолжува да се одвива се до 30 декември 2020 година до 23:59 часот, а обработката на кредитните барања ќе започне по завршување на овој период, се вели во соопштението до медиумите.