Разрешени двајца судии од Охрид за несовесно работење


Двајца судии од Охрид денеска се разрешени од Судскиот совет поради тоа што несовесно и нестручно ја вршеле својата работа. Во првиот случај, судијката Весна Кичеец е оддалечена од работното место (иако таа има право на жалба) затоа што недозволено долго го одолговлекувала процесот против српскиот турист кој на првиот ден од 2016 година смртно го претепа охриѓанецот Димитар Матлиоски.

Овој случај тогаш предизвика голема вознемиреност во македонската јавност, затоа што Бојан Угреновиќ од Кралево откако го претепал до смрт Матлиоски се вратил во барот да продолжи со прославата на Новата година. Угреновиќ набрзо беше уапсен, па беше држен во притвор на барање на обвинителството, но поради развлеченото судење тој беше пуштен од затворот. Веднаш потоа Угреновиќ побегна во Србија, а судијката Кичеец процесот го водеше во негово отсуство и тој на крајот доби 16 години затвор, но барем во овој момент изгледа сосема јасно дека тој нема да биде донесен во Македонија да ја издржи казната.

Другиот судија што е разрешен е Трајче Скрчески, иако тој е веќе во пензија. Судскиот совет по втор пат одлучуваше по неговата жалба, но тоа не го спречи неговото разрешување поради несовесно работење.