Разрешена министерката Андронеску поради коментар за убиената девојка


Романската премиерка Вјорика Данчила изјави дека ја сменила министерката за образование Екатерина Андронеску поради нејзината неодамнешна несоодветна изјава за случајот со убиената девојка.

Данчила на Фејсбук објави дека ставовите на Андронеску одразуваат „неодговорен став“ и „недостиг од разбирање“ по повод силувањето и убиството на 15-годишната девојка, која била киднапирана откако стопирала.

Андонеску изјави дека неа „дома ја учеле да не влегува во автомобил со непознати лица“.

Премиерката наведе дека не сака коментарите на Андронеску да се поврзуваат со Владата, додека сменетата министерка посочи дека не сакала да ја обвини жртвата или нејзините родители.

Неодамнешното убиство на Александра Макесане предизвика гнев кај јавноста бидејќи полицијата не реагирала на нејзините повици. Полицијата имала и проблем да ја лоцира девојката бидејќи користела погрешна технологија, а барала и непотребен налог за претрес, дури по 19 часа кога ја пронашле куќата на киднаперот.

Дополнително е откриено дека истиот маж убил и 18-годишна девојка, која беше пријавена за исчезната во април годинава.