Разрешен секретарот на Скопје Зоран Глигоров, на негово место доаѓа Наталија Митовска
Нови промени во врвот на администрацијата на градоначалничката Данела Арсовска – денеска беше разрешен секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, а на негово место ќе биде назначена Наталија Митовска. Таа е сопруга на сопственикот и уредник на порталот „Инфомакс“, каде редовен гостин е градоначалничката на Скопје и каде постојано се промовираат нејзините активности.
За Митовска во соопштението од Град Скопје се вели дека била носител на високи раководни функции во Владата.
Од 1998 година работи како советник на потпретседателот на Владата, а од 2000 до 2002 била помошник-министер за внатрешни работи задолжен за меѓународна соработка и европски интеграции.
Митовска била и советник на генералниот директор на ЕЛЕМ од 2015-2019 година.
„На позицијата секретар на градот Скопје доаѓа како професионалец кој може значително да придонесе кон работата на градската администрација и реализација на проектите од програмата ‘За модерно Скопје’“, се вели во соопштението до медиумите.
Разрешувањето на Глигоров доаѓа откако на една од седниците за советнички прашања од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ беше обвинет за семејно насилство. Претходно, тој се најде во фокусот и поради наводната пресметка со обезбедувањето во институцијата, што од Град Скопје демантираа.