Разрешен избирачки одбор во Берово


Поради пропуст да се евидентира идентитет на гласач, Државната изборна комисија го разреши избирачкиот одбор за избирачкото место 0006 во Берово. Како што потврдија од ОИК Берово, причината за ваквата постапка е тоа што за време на гласањето, наместо болно и изнемоштено лице, гласал човек со исто име и презиме.

-За ова имаше и приговор од страна на ВМРО – ДПМНЕ, но е одбиен бидејки полномошникот од партијата поднел приговор во име на подносителот на листата на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, наместо да приговара за повреда на личното право на гласање, соопштија од ОИК.
На ова избирачко место гласале 385 граѓани или 50,26 отсто од евидентираните во Избирачкиот список.
Притоа, 188 граѓани или 48,83 проценти гласале за кандидатот за претседател Стево Пендаровски, 180 или 46,75 проценти за кандидатката Гордана Силјановска Давкова, шест гласови или 1,6 проценти добил претседателскиот кандидат Блерим Река, додека 11 ливчиња биле неважечки. Дополнително, по изборите, ДИК ќе одлучува дали на овие лица ќе им биде исплатен надоместокот што им следува, согласно правилникот за надоместоци што го утврдува изборната комисија.