Разрешен шефот на кабинет на Сали, барал раководители Албанци по болниците


Меритон Чивули, шефот на кабинет на актуелниот министер за здравство Беким Сали во понеделникот бил разрешен од функцијата, неофицијално дознава „Фокус“.Информациите ги потврдил и Сали, но официјално не ги кажал причините за разрешувањето.

Пред неколку месеци „Фокус“  објави дека сега веќе поранешниот шеф на кабинет на дел од директорите на болниците им праќал списоци со имиња и презимиња на вработени Албанци, кои требало да се стават на раководни позиции во дел од болниците. 

„Многу низок е опфатот на Албанци на раководни позиции во болницата“, гласела една од пораките.

Сепак, дел од директорите  го пролонгирале унапредувањето на тие кадри и според  изјавите дадени на “Фокус“, од тие причини се соочуваат со одредени притисоци.

„Јас не можам да сменам толку луѓе колку се бара од мене. Не станува збор за мала бројка. Плус на тие позиции се поставени луѓе, кои си ја знаат работата. Затоа пак сега за многу работи чекаме подолг период за потпис, бидејќи се уште не сме го испониле тоа што се бара од нас“, тврдеше директор на болница, кој сакаше да остане анонимен.